Skip to main content

Јаневски: Подметнатите пожари од нашата длабока држава

„Господ не може да ме увери дека пожарите во четири депонии за три дена се случајност“, рече Панче Тошковски на синоќешната вонредна прес конференција. Малку пред тоа, Стојанче Ангелов отворено кажа дека на потпалувачите на кабли во Вардариште им биле дадени пари за тоа да го сторат, првиот пат, а истото да го повторат и наредниот ден, пишува Дарко Јаневскиво својата колумна објавена на неговиот „Фејсбук“ профил.

Нема причина да не им веруваме на Тошковски и Ангелов. Вториов за прв пат го сретнав пред 20-тина години, во време на „папата“ и Хари Костов, кога по казна затоа што ја бранеше државата во 2001 година, беше фрлен во некое сопче во ПС Карпош како инспектор. Поради тоа, подоцна, не можев да сфатам како може да учествува во инсталирањето на Заев на власт и сето тоа што муртинската бедотија, однапред се знаеше, ќе ни го донесе. Протсто-напросто, не можев да сфатам.

Но, независно од моето мислење за сето тоа, без многу мудрување, едноставно знам дека и тој и Тошковски не лажат за пожарите и за тоа дека во игра не се случајности, туку пари и злобна намера. Намера на луѓе кои немаат проблем со тоа, заради свои политички и лукративни цели, да ни приредат своевидна гасна комора.

Всушност, преку пожарите, ние се соочуваме со почетокот на дејствувањето на нашата длабока држава. Таа и нејзините потрчковци немаат проблем со девизата – што полошо, тоа подобро. Како што тоа беше во времето на шарената револуција. И ВМРО-ДПМНЕ и неговите албански коалициони партнери, мораат да сфатат дека справувањето со таа длабока држава е „услов без кој не се може“. Не постои друга казуа, не постои друг приоритет, кој може да и го земе приматот на потребата од справување со македонската длабока држава. Чии интереси, по дефиниција, се испреплетени со интересите на други држави кои би биле среќни да не нема.

И додека по вчерашната гужва, некако со мака ги склопувам овие редови, го слушам и Мицкоски како зборува за пожарите и за центрите на моќ, од дома и од надвор, кои потпалуваат. Но, тие од надвор, нема да имаат преку кого да ги остваруваат своите намери, ако ги решиме овие дома. И тука треба да се подвлече јасна линија.

Патем, се ова што ни се случува, е само потврда дека ние го имаме истиот проблем што го има и Трамп. Господ не може да ме увери дека убиството на она момче, Чарли Кирк, за кого знаела и нашата младина за разлика од нас повозрасните (дотука стигала неговата популарност и влијание во промовирање на традиционалните вредности) е случајност и дело на некој „напален“ шизофрен манијак кој не може да го поднесе Трамп и тоа што тој со себе го носи. Печатото на длабоката држава е толку врежан, што не треба голем дипотер и скапи очила за да се види. Доволни се и оние од аптека за пар стотини денари.
Американската длабока држава не се возбудуваше многу за време на првиот мандат на Трамп. Нека го четири години, ќе му поминат. и потоа се ќе се врати по старо, беше логиката од 2016 до 2020 година. Како што и се случи.

Покрај тоа, крај Трамп тогаш беа нивните Мајкл Пенс, Џон Болтон и сличните делови од гарнитурата на длабоката држава, исто како што во време на Снешкиниот Љупчо и Доста Димовска, цело ВМРО-ДПМНЕ за кратко се седна во скутот на Џорџ Сорос. И опасноста за македонската длабока држава и олигархија ја снема.

„Проблемот“ за длабоката држава во САД, за што отворено се зборува во тамошното општество, е што сега работата со Трамп е поинаква. Навистина, него ќе му поминат и овие четири години, но сите изгледи се дека ќе го наследи уште потврдокорниот Џеј Д. Венс. А тоа се потенцијални нови осум години во сенка на умовите кои се крстат во наследниците и идеологијата на Хилари Клинтон (американската Радмила Шеќеринска) и Џо Бајден. Згора на тоа, тука е уште еден проблем: Роберт Кенеди, секретарот за здравство, кој спроведува реформи кои нема да можат така лесно да се избришат.

Да бидам искрен, мислев дека Кенеди ќе биде првиот на списокот за елиминирање. Не Трамп, не Венс, уште помалу Рубио. Никој од нив, туку Кенеди. Да удриш против Фајзер и Модерна, против Фаучи и против целата таа структура која стоеше зад него, да удриш врз комплексот на прехранбената индустрија која ги труе американските деца (тоа се негови зборови), да изложиш пред целиот свет дека голем дел од сенаторите се корумпирани кои го жртвуваат за сопствен бенефит здравјето на цела нација (на бесната Елизабет Ворен директно в лице и рече дека зела 855 000 долари од фармацевтските компании, а за Фокс њуз изјави дека сенаторите земаат милиони долари од истите компании и затоа го напаѓаат него и неговите реформи), да го кажеш сето тоа и да тргнеш во својата крстоносна војна, значи да го уриваш системот кој потоа нема да може да се реставрира, дури и кога Трамп ќе си замине. Е, тоа е веќе опасност!

Но, очигледно, тамошната шарена револуција сметала дека Кирк е поопасен или дека барем преку него треба да им се прати и порака на таквите како Венс и Кенеди. Дали ќе ја постигнат целта? Засега, мислам – не!

Ете, накратко, тоа е проблемот со кој се соочуваме и ние. И тоа е војната што Владата треба да ја отвори. Зашто нашата длабока држава допрва ќе удира. Допрва ќе има трговски центри како ГТЦ за гушкање и порти Македонија за фарбање. А, старо правило е дека ако веќе знаеш дека ќе замавнат кон тебе, подобро е ти да бидеш првиот што ќе удри. Тоа му е јасно на секое дете од улица – дека со насилниците нема пакт, нема примирје, нема договор. Или ти ќе ги победиш и надвјасаш или ќе те праќаат по бурек и цигари.

Згора на тоа, аферите како таа со прислушувањето на Мицкоски и Николоски, која го урива државниот поредок, сепак не го загрозува директно здравјето и животот на македонската популацијата (индиректно – да, но тоа е тема за други редови), а ова со пожарите е веќе директна опасност. На држава како Македонија, во која 44 отсто од возрасната популација се пушачи, во која белодорбните болести, посебно оние со групно име COPD и малигните болести се своевидно „добро утро“ и да не редам понатаму за срцевите, кардиоваскуларните и другите болести, најмалку што и треба е дополнителен луксуз со загадениот воздух, посебно во пресрет на зимата кога и без тоа имаме сериозен проблем.

Не велам дека сите пожари се подметнати. Но, дека постои сценарио кај повеќето од нив – тоа се гледа како што се гледа и Кинескиот ѕид од Месечината. И дека тоа сценарио е дело на истата човечка и ментална структура која во 2001 година ни го намести прислушувањето за да не можат Љупчовци и тие на Доста Димовска, на чело со неа самата, да ја видат војната што ни ја подготвуваше УЧК, на истата структура што му ги даде на Заев снимките во време на Груевски – нема никаков сомнеж. И прашање е на време кога таа структура ќе истрча со некој нов изум од арсеналот на методи за уривање на една влада за да ја урне и сегашната.

Зашто, ние некако забораваме – македонското прашање се уште не е решено докрај. И за да се реши, да се дојде до тоа што Хитлер го нарекуваше „конечно решение“ за други народи и со други методи, не треба да се дозволи Македонија да тргне напред во било кој сегмент – здравје, економија, инфраструктура – се на се, Македонија не смее да го крене стандардот на своето население, не смее да го крене квалитетот на животот, не смее да го зголеми животниот век на своите луѓе, не смее да постави повисоки стандарди во образованието, во земјоделието, во медицината, во грижата за здравјето на граѓаните, во воспитувањето и едукацијата на децата. И што е мошне битно – посебно не смее да гради патриотизам.

И во таа пресметка со власта, ќе бидат впрегнати сите арсенали. „Катјушите“ веќе се деконзервираат, наместо досегашните пушки-малихерки и се подготвуваат за употреба. И затоа, веќе со недели и месеци предупредувам дека ако досега постоеше некаква толеранција кон таа длабока држава, тоа треба да се пресече. Под итно, без задршка и без милост.

И за крај на овие редови, а како почеток на таа пресметка, во контекст на таа битка со длабоката држава и пожарите, треба да се елиминира било каква помисла за најавеното зголемување на платите на судиите и обвинителите. Тоа – да, тогаш кога прво ќе бидат исчистени корумпираните банди оттаму. Идејата дека ако им се зголемат платите, ќе бидат помалку корумпирани и помалку неписмени, едноставно е погрешна. Во спротивно, зошто на секој крадец во оваа држава, наместо да го судиме и затвораме, не му понудиме пари, куќа, автомобил… за да не краде и во иднина?

Да, сега, по правило треба да напишам дека не се сите судии и обвинители такви и слично. Нема проблем. И јас верувам во тоа. Но, дајте прво да ги решиме тие што не се чесни. Па да разговараме.

И кога сме кај судиите и обвинителите, треба да се напомене уште нешто – искуството покажа дека отстуството на контрола врз нив од страна на другите две власти – е катастрофа. Веројатно ви е јасно дека таа катастрофа ни е сместена од надвор во содејство со домашните предавници и тезгаџии преку очајно лошите уставни и законски решенија, но тоа не е причина сето тоа да остане така.
Впрочем, за пример, погледајте само како во САД ги сослушуваат во Сенатот кандидатите за судии – едноставно им го претресуваат и црното под лакираните нокти. И никој не вели дека тоа е мешање и загрозување на судската власт.

Поврзани вести