
Министерката за образование и наука, Весна Јаневска на денешната прес-конференција во однос на тоа зошто учениците при уписите во средните училишта освен електронски и физички треба да ги доставуваат потребните документи во учулиштата, информира дека ова се прави вака бидејќи сите училишта немаат пристап до електронската форма на пријавување. Очекува следната година овој проблем да се реши.
-Оваа година електронски ќе се врши уписот, а потоа учениците треба да ги достават документите во хартиена форма затоа што сите училишта немаат пристап до електронската форма на пријавување и затоа што не сите и родители се уште се подготвени. Од идната година веќе кога масовно од 1 септември ќе го пуштиме во употреба новиот електронски дневник, односно надградената форма на електронскиот дневник предвидено е училиштата преку нивните системи да ги поврзат сите документи кои ќе им бидат потребни за да може да се запише ученикот, рече Јаневска.
Министерката се надева дека овој процес ќе успеат да го решат за една година.
-Искрено се надевам дека тој процес ќе успееме да го решиме за една година, затоа што всушност поврзувањето на електронскиот дневник со училиштата се уште во овој момент го тестираме. Тој е пуштен низ цела Македонија и во овој момент немаме никаков проблем. Следната година овој проблем ќе го нема, рече министерката.
Јаневска информира дека оваа година околу 17 илјади ученици се запишани во средните училишта. Потенцира дека чекаат да заврши и вториот уписен рок за да се дознае конечната бројка колку ученици се запишани во средните училишта.
Таа нагласи дека направиле голем чекор во дигитализацијата. Посочи дека ги дигитализирале уписите, сместувањата во студентските домови, стипендиите, студентскиот оброк. Потенцира дека направиле телефонска апликација во која родителите можат да ги следат сите информации од е-дневникот.
Кога учениците одат на квалификациско тестирање, се гледа кој колку знае. Во „Георги Димитров“ беше направено само рангирање. Тие имаат 199 слободни места, толку ученици и ќе запишат. Но, половина од децата кои полагаа квалификациски тест, од 150 можни поени, освоиле 75, а од тие со освоени 75 поени, последниот запишан е со 45, а тоа не е положен испит. Па и 75 не е ни за двојка.
Ова денеска го кажа министерката за образование и наука весна Јаневска, која се обиде да појасни на што мислела кога од собраниската говорница пред неколку дена кажа дека од 75 ученици со просек 5,00, половина го „паднале испитот“.
-Има интенција дека одредени училишта се најдобри. И децата кои сакаат да учат, сакаат да се запишат во тие училишта. Очигледно не се свесни дека нивното знаење не е содветно на нивната оцена. Целата ситуација им дава лажна слика, бидејќи тие се сите скроз одлични. Кога одат на вакво тестирање, се открива кој колку знае. Во „Георги Димитров“ последниот запишан е со само 45 поени од можни 150, а тоа не е положен испит“. Не е страшно, но мора да воведеме методи со кои ќе пратиме порака дека тие мора да го постигнат успехот. Родителите да станат свесни дека тоа знаење ќе има значајно влијание на животот на детето, рече денеска на прес-конференција министерката.