
Петнаесет илјади матуранти денес полагаа испит по мајчин јазик, првиот од двата екстерни испити од државната матура. Дел од учениците во своите училишта, дел пак во амфитеатрите на најблиските факултети каде има соодветни услови за спроведување на процесот.
Посакувајќи им успех на сите матуранти, изразија очекувања дека годинава резултатите од матурата ќе бидат пообјективни од ланските.
„Подолго време траеја подготовките. Се разговараше со училишните раководства, набљудувачите и тестаторите и верувам дека ќе се заложат да не се случуваат ситуации како во минатото, кога цели групи ученици препишуваа, имаа идентични точни и неточни одговори, идентични есеи и така натаму. Потсетувам дека регулативата е затегната, особено за оние кои ќе биде утврдено дека прогледуваат низ прсти, нема да видат мобилен телефон во училницата, нема да забележат ливчиња, внесени учебници и така натаму. Верувам никој не сака негативни последици“, рече Јаневска.
Според министерката нема потреба учениците да се обидуваат да се надмудруваат со системот. Матура се полага само со повторување на материјалот што веќе го совладале во четиригодишното образование.
„Со малку труд се заокружува овој последен чин од средното образование. Фатен препишувач, си го стопира времето за цела една година, да не може да полага и да ја добие дипломата од која му зависи понатамошна едукација или вработување“, потенцираше министерката.
Директорката на Државниот испитен центар, Михајловска информираше дека од вкупниот број пријавени матуранти, 8816 ученици се од средните стручни училишта, 5966 од гимназиите и 222 од училиштата за уметничко образование. Вториот екстерен предмет кој е изборен во зависност од видот на средното образование на ученикот, се полага на 11 јуни. Новиот концепт на државна матура кој е предвиден со неодамна усвоените измени на Законот за средно образование, ќе се
примени следната учебна година. Истиот предвидува полагање на посебна државна матура за стручно, за гимназиско и за уметничко образование.