Skip to main content

Јаневска до учениците: Учете вредно за да знаете, бидете пријатели со другите деца 

 – Среќен почеток на новата учебна 2026 – 2027 година им посака утрово на учениците министерката за образование и наука Весна Јаневска, која во ОУ „Киро Глигоров“ во Центар присуствуваше на официјалната промоција на кампањата на „Македонски телеком“ против врсничко насилство и мирни и безбедни училишта. 

Првиот училиштен ден таа посебно им го честита на првачињата и на нивните родители и наставници, со желби најмалите ученици да имаат успех во учењето, да се описменат, многу да се дружат, да бидат многу љубопитни и да прашуваат, да размислуваат и да го кажуваат своето мислење. 

– Им пожелувам вредна работа на учениците. Но, им посакувам и нешто друго – сè што прават, заеднички и мирно да прават. На сите ученици им посакувам мирна училишна средина, во која нема да има карања и тепачки – изјави Јаневска. 

Успешна учебна година таа им посака и на учениците од погорните одделенија со порака „да докажат дека се поодговорни и позрели“, да бидат пример за помалите, повикувајќи на толеранција и емпатичност. 

– Учете, многу учете, затоа што знењето е најголемата сила што може да ја добиете, тоа богатство никој не може да ви го одземе и со него можете да направите многу добри работи и да си ги остварите желбите. Сè што треба е да верувате во себе и секој ден да учите. Изберете да бидете пријатели со другите деца. Навредите, погрдните зброви и насилството не значат дека сте јаки, напротив – тие се знак на слабост –  истакна Јаневска. 

Порака имаше и до родителите – да се грижат за нивното воспитување зашто нивната љубов и внимание, рече, се највредното нешто што може да им го дадат на своите деца и дека топол и мирен дом значи и безгрижни деца, кои имаат вистински вредности. 

На наставниците, пак, Јаневска им порача да се грижат за нивното образование, но дека „она што е најважно е да ги направат мислечки и слободни граѓани, кои во иднина ќе бидат успешни луѓе“.

Поврзани вести