
Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) објави препораки за населението нво Гостивар, по забраната за употреба на водата за пиење од градскиот водовод, која Агенцијата за храна и ветеринарство ја изрече на 17 јули, поради сомнение дека водата е загадена и небезбедна за употреба.
Поради времената забрана за употреба на водата за пиење од градскиот водовод во Гостивар, на граѓаните им се препорачува да ги почитуваат следните мерки до добивање на официјално известување дека водата повторно е безбедна за употреба. До официјално укинување на забраната, водата од градскиот водовод не треба да се користи за пиење, ниту по превривање, освен ако надлежните институции не дадат поинаква препорака, велат од ИЈЗ.
Според препораките, за пиење, подготовка на храна, миење овошје и зеленчук што се консумираат свежи, подготовка на мраз, кафе, чај, сокови и храна за доенчиња, граѓаните треба да користат исклучиво фабрички пакувана, односно флаширана вода.
ИЈЗ препорачува редовно миење на рацете со сапун и безбедна вода, а доколку тоа не е возможно, да се користат средства за дезинфекција на база на алкохол кога рацете не се видливо извалкани. За миење на забите исто така треба да се користи исклучиво безбедна вода, додека при туширање и капење се препорачува користење безбедна или превриена вода, со внимание таа да не се голта.
Во препораките се наведува дека храната треба добро термички да се обработува и да се избегнува подготовка на јадења што не се готват доколку нема безбедна вода. Исто така, се препорачува користење еднократен прибор и садови за јадење за да се намали потребата од миење.
ИЈЗ предупредува дека небезбедната вода може да биде извор на бактериски, вирусни и паразитарни инфекции кои предизвикуваат гастроентеритиси. Граѓаните кои ќе почувствуваат симптоми како дијареја, повраќање, гадење, стомачни грчеви, покачена температура, слабост или знаци на дехидратација треба веднаш да се јават кај матичен лекар или во најблиската здравствена установа.
Со навремено почитување на овие препораки значително се намалува ризикот од појава и ширење на заболувања кои се пренесуваат преку вода. Особено внимание треба да се посвети на заштитата на доенчињата, малите деца, бремените жени, постарите лица и лицата со хронични заболувања, кои имаат поголем ризик од потешки последици при појава на цревни инфекции, препорачуваат од Одделот за епидемиологија на заразни заболувања во ИЈЗ.

Македонски



