Skip to main content

Граѓаните на Кочани со апел: Денес, Македонијо, тагувај со Кочани! Моли се за сила на сите што загубија најмили, не е време за сензационални наслови

Граѓаните на Кочани на овој тежок, траорен ден уште еднаш упатија апел за почит.

Денес е најтажниот ден во историјата на Македонија. Најцрниот и најболен ден за Кочани.
Ден на болка, ден на тишина, ден кога срцата се скршени, а солзите не престануваат да течат. Кочани остана без дел од својата младост, без својата иднина, без својата душа. Ова мало градче денеска тажи, секој граѓанин носи неизмерна болка.


Нема човек што не загуби роднина, пријател, колега, другар, брат, сестра, син, ќерка. Болката е премногу голема за да се опише со зборови, а тагата предлабока за да може да се издржи. Ова не е само трагедија на едно семејство, ова е загуба за целиот град, за целата земја.

Во овие моменти на жалост и тешка болка, апелираме покажете почит. Не објавувајте видеа, не споделувајте фотографии, не користете сензационални наслови. Болката на семејствата е доволно голема не ја зголемувајте со непромислени објави.
Ова не е време за вести, ова не е време за љубопитност. Ова е време за тишина, за молитва, за достоинствено збогување.

Денес, Македонијо, тагувај со Кочани. Моли се за сила на родителите, на семејствата, на сите што загубија најмили. Да ги испратиме нашите деца во мир и достоинство. Поштедете не од сензационални наслови денес, тагата зборува сама.

Почивајте во мир, наши млади ангели. Простете ни што не ве зачувавме. Вашата светлина никогаш нема да згасне, вашите насмевки ќе останат во нашите срца. Ќе живеете вечно во сеќавањата на секој од нас.
Почивајте во мир, се вели во апелот.

Поврзани вести