Skip to main content

Формиран Советот на општина Струга, претседател ќе се избира кога ќе се создадат услови

Советот на Општина Струга ги верификуваше мандатите на советниците, а изборот на претседател беше одложен поради немање мнозинство.

Новиот состав на Советот на Општина Струга брои 23 советници од кои осум од коалицијата НАИ, шест од ВМРО – ДПМНЕ, четворица од ВРЕДИ, тројца од независна листа и по еден од СДСМ и Левица.

За верификацијата на мандатите на тројца од 23-те советници, кои пречкртале дел од свечената изјава, се чека одлука од Инспекторатот за локална самоуправа.

Новоизбраните советници се обврзаа на совесно вршење на правата и обврските во Советот и на почитување на Уставот и законите.

Советниците од коалицијата НАИ ја напуштија седницата, по одлуката точката за избор на претседател да биде повлечена.

Советникот Мите Стефоски од ВМРО-ДПМНЕ истакна дека кога ќе се создадат услови за мнозинство и за избор на претседател тоа ќе се изврши.

Денеска само се одложи изборот на претседател на Советот, но продолжува изборот на телата, истакна Стефоски, посочувајќи дека разговорите околу коалицирање се водат на повисоко ниво и оти одлуката ќе биде соопштена кога ќе има конечен договор.

Советникот Димче Шипинкаровски од СДСМ кажа дека до него никој не доставил понуда за коалицирање. Тој смета дека оние што претендираат мнозинство треба да достават соодветна програма заснована врз принципи на јасни договори за од натамошното функционирање да имаат бенефит граѓаните.

Во овој момент до мене нема никаква понуда и не знам дали воопшто некој има таква понуда изготвено за да ја добие поддршката, рече Шипинкаровски.

Градоначалникот Менди Ќура во обраќањето пред советниците кажа дека ќе биде градоначалник на сите и побара соработка од сите за доброто на Струга.

Без оглед од која страна доаѓате отворен сум да разговаравме, да соработуваме за проекти кои ќе бидат за доброто на граѓаните на Струга. Јас сум за промена на Струга, но промената не можам сам да ја направам сам, ќе ја направам со сите вас, изјави грдоначалникот. 

Поврзани вести