
Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, ги отфрли обвинувањата на ВМРО-ДПМНЕ за наводна промена на ставот околу францускиот предлог и оти тоа е за „спас“ преку судството, нарекувајќи ги „уште еден обид за спин“ од партијата која „не сака да го продолжи европскиот пат на земјата“.
Во одговор на новинарски прашања, Филипче посочи дека однесувањето на ВМРО-ДПМНЕ е мотивирано од желбата да ја задржат државата „заглавена“ за да можат да ја менаџираат „во рамки на интересите на својата мала група челници на партијата и нивни фирми“.
Коментирајќи го обвинувањето дека СДСМ ја предлага резолуцијата за заштита од францускиот предлог само за да остане на власт, Филипче истакна дека предлог-резолуцијата ги содржи сите претходни документи и јасно ги утврдува црвените линии.
„Јасен е нашиот предлог. Во нашата предлог-резолуција се содржани сите претходни документи и резолуции вклучувајќи го и францускиот предлог, во кој јасно кажуваме како се заштитени сите идентитетски одредници. Ги повикуваме сите политички партии да ја поднесеме таа резолуција заедно за конечно да обезбедиме и една форма на национален консензус“, рече Филипче додавајќи дека јазикот, идентитетот, културата и историјата се прашања за кои не се преговара.
Филипче го оцени како неосновано обвинувањето на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, дека се обидува да најде спас кај обвинителството и судството. Тој ја префрли одговорноста за застојот во реформите директно на актуелната власт на ВМРО-ДПМНЕ.
„Година и пол се на власт и тие не сработија ништо, ништо не направија од реформите кои се напишани на заедничкиот документ што се вика реформска агенда заедно со ЕУ“,изјави лидерот на СДСМ при неговата денешна посета на Општина Аеродром, каде што беше со кандидатот на градоначалник на оваа општина, Александар Трајановски.
Според него, одговорноста за неспроведување на реформите во правосудството е кај премиерот и неговиот тим, а целта на ВМРО-ДПМНЕ е да го контролира судството.
„Сè што сакаат е да го контролираат судството, да зачуваат свои роднини, пријатели, сопружници на градоначалници, на коалициски партнери, сè со цел да имаат свои луѓе и да може да влијаат на судски процеси. Ништо повеќе не сакаат од тоа. За жал, повторно партизирана држава како во нивниот претходен мандат до 2017 година“,кажа Филипче.