Skip to main content

ЕУ додели дополнителни 15 милиони евра помош за македонската Армија  

Советот на ЕУ денеска донесе одлука за доделување на 15 милиони евра помош во рамките на Европскиот мировен инструмент (ЕПФ) за зајакнување на одбранбените капацитети и способности на Армијата на Република Македонија и нејзината оперативна подготвеност, јави дописникот на МИА од Брисел. 

Денеска се согласивме да и обезбедиме на Македонија дополнителна поддршка од ЕУ во вредност од 15 милиони евра за нејзината Армија, изјави во врска со одлуката високата претставничка за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас. 

Таа додаде дека овие средства ќе бидат искористени за набавка на различна опрема – од онаа намената за прибирање разузнавачки информации и за надзор, до онаа за потребите на борбената обука.  

Нашата поддршка ќе ѝ помогне на Македонија да придонесе кон регионалната стабилност и безбедност, што е важно не само за Западниот Балкан, туку и за ЕУ, наведе Калас. 

Според неа, со поддршката за земјава наменета за спречување конфликти и за зајакнување на регионалната стабилност, Унијата покажува дека „целосно ја поддржува Македонија на патот кон членство во ЕУ“. 

Со нетрпение ја очекувам мојата прва посета следниот месец за дополнително да разговараме за нашата заедничка агенда, додаде Калас во изјавата. 

Како што соопшти Советот на ЕУ, со денешната и со билатералните пакети за поддршка во 2023 и 2024 година, вкупната помош од Унијата за земјава во рамки на Европскиот мировен инструмент (ЕПФ) достигна 38 милиони евра.  

Денешната одлука го покажува континуираниот ангажман со Македонија во областа на безбедноста и одбраната, вклучително и на потпишувањето на Партнерството за безбедност и одбрана меѓу ЕУ и Македонија минатиот ноември, и го одразува целосното усогласување на земјата со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, се наведува во соопштението. 

Со денеска издвоените средства преку ЕПФ на македонската Армија ќе и биде обезбедена опрема со разузнавање, надзор и извидување и за електронско војување, потоа комунални и инженерски возила, комуникациски и информациски системи и опрема за борбена обука, а, доколку е потребно, ќе се организира и оперативна обука за нивно користење.

Новата мерка за помош, исто така, ќе го зголеми потенцијалот на Македонија да придонесе во операциите и мисиите на заедничката безбедносна и одбранбена политика на ЕУ и во сите меѓународни коалиции, се додава во соопштението. 

Поврзани вести