
Науката добива зголемена поддршка од Владата. Преку два јавни повика, Министерството за образование и наука распредели над 54 милиони денари на јавните научни установи за реализација на научно – истражувачки проекти, како и на високообразовните установи кои во соработка со бизнис заедницата спроведуваат проекти од посебен научен и јавен интерес што се во корелација со целите на Стратегијата за паметна специјализација на Македонија.
Со 23,7 милиони денари ќе се финансира реализацијата на осум проекти со кои осумте самостојни јавни научни установи, односно институти аплицираа на објавениот повик на МОН за доделување на средства за поддршка на нивната дејност, која е од висок стратешки и национален интерес за државата. Конкурсните услови предвидоа доделување до три милиони денари по проект, а резултатите се објавени на следниот линк.
Додека, пет научно-истражувачки проекти од посебен научен и јавен интерес кои се резултат на соработката помеѓу академскиот и бизнис секторот во рамки на паметната специјализација на државата ќе се финансираат со 30,4 милиони денари. Конкурсот кој за оваа намена беше објавен, предвиде распределба на средства во висина до најмногу 8 милиони денари по проект, а резултатите се објавени тука.
Министерството информира дека дополнително ќе бидат објавени и резултатите од третиот јавен повик кој е дел од програмата за поддршка на научно – истражувачката дејност во Македонија за 2025 година, преку кој ќе се финансираат иновативни проекти на државните универзитети, факултети, научни институти и Македонската академија на науките и уметностите. Секој прифатен проект ќе добие до 8 милиони денари.
Буџетот за наука во 2025 изнесува 680 милиони денари, што е речиси двојно зголемување споредбено со буџетот од 2024 година.