На овој Меѓународен ден на образованието, УНИЦЕФ ја поздравува неодамна објавената Нацрт концепција за реформи во гимназиското образование и ги повикува сите образовни чинители да се вклучат во процесот на отворена консултација за ко-креирање на визијата за гимназиското образование.
Нацрт концепцијата е дел од тековните напори на Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образованието чија цел е образованието да ја задржи својата релевантност и да се приспособи кон светот што бргу се менува.
Документот претставува патоказ за тоа како да се поддржат наставниците преку осовременети наставни програми, модерни наставни методи и подобри начини на оценување. Во него се наведени и клучните знаења, вештини, ставови и вредности што средношколците треба да ги стекнат во текот на своето школување. Вреди да се напомене дека со оваа Концепција, на учениците им се дава можност да изберат што ќе учат врз основа на индивидуалните потреби и интереси, со поголема флексибилност за комбинирање предмети од различни подрачја.
Процесот на отворени консултации ќе им овозможи на сите чинители да придонесат за решавање на критичните образовни предизвици. Образовната криза во земјата се потврди и со најновите резултати од Меѓународната студија за трендови во математиката и природните науки – каде учениците од четврто одделение се рангираа на 44-то место по математика и на 47-мо место по природни науки (од 58 земји-учеснички). Заедничкото креирање долгорочна визија за гимназиското образование ќе даде важен придонес за подобрување на образовните резултати.
УНИЦЕФ особено го поздравува тоа што во Концепцијата се дава осврт на новите прашања во образованието како што се трансформативниот потенцијал на вештачката интелигенција и напредните технологии. Концепцијата предвидува учењето да биде попристапно, поинтерактивно и поефективно, нагласувајќи ја потребата од оспособување на учениците и наставниците со вештини за критичка примена на овие технологии. Исто така, УНИЦЕФ го поздравува фокусот што Нацрт-концепцијата го става на образованието за животна средина и климатски промени, преку наставата и преку активно учество во еколошки иницијативи.
Покрај предложените позитивни промени, УНИЦЕФ предлага да се стави посилен фокус на обезбедување премин од основно во средно образование и спречување на осипување на децата со попреченост и оние од ранливите заедници, меѓу кои и Ромите. Освен тоа, Концепцијата треба да се осврне на потребата за дополнителна поддршка и насоки за заштита на физичкото и менталното здравје на адолесцентите, како и за безбедно и одговорно користење на напредните технологии. Со ова ќе се помогне училиштата да создадат средина која што го поддржува и поттикнува образовниот успех, личниот раст и благосостојба.
Концепцијата е отворена за јавни коментари до 31 јануари 2025 година. Сите заинтересирани имаат можност да придонесат кон натамошно унапредување на Концепцијата. Со ова ќе се обезбеди учениците да бидат подготвени да напредуваат во свет кој е меѓусебно поврзан, да ги ценат различните перспективи и да станат одговорни граѓани кои преземаат акција во насока на одржливост и колективна благосостојба.