
Националниот џез-оркестар новата сезона ја отвора со настапи во земјата, но на денешната прес конференција најавија дека веќе имаат резервирани настапи и во странство.
Сезоната ја отвораат со настапот на Дан Пугањ, израелско-американски џез-тапанар и минатогодишен добитник на Греми-награда, кој со своето трио доаѓа на 7 октомври во Скопје. Националниот џез-оркестар ќе настапи и со Мишел Камило, доминикански пијанист и композитор, специјализиран за џез, латино и класично пијано. Сезоната се заокружува со традиционалниот Детски концерт и со Новогодишниот концерт со Џон Илија Апелгрен, кои ќе се одржат на 8 и 14 декември.
Дел од програмата се и јубилејните концерти на Сашо Николовски на 28 октомври, кој ќе настапи со свој авторски материјал, и на Славе Димитров на 28 ноември.
Од гостувањата во странство, Националниот џез-оркестар оди на 2 ноември во Прага, каде што ќе настапи во галеријата „Петров“ со сопствен авторски материјал, а само два дена подоцна, ќе го отворат Сараевскиот џез-фестивал. Дел од гостувањата во странство е и настапот во Португалија на фестивалот „Гимараеш“, каде што ќе настапат заедно со Курт Елинг.
Она што можеме да се пофалиме во изминатите три години е дека успеавме, без разлика дали концертите се реализирале преку препораки, лични познанства или директни контакти со нивните менаџери, да направиме повеќе концерти со големи звучни имиња и мислам дека сега тоа е веќе референција за кога се обраќаме комуникацијата да биде полесна – вели директорот Гоце Стевковски.
Како Национален џез-оркестар, вели Стевковски, имаат поголеми можности да ја реализираат визијата со која почнале како здружение, но останува да се решат уште некои технички и логистички работи. Сè уште пречка им е што не е готов просторот во кој треба да бидат.
Како здружение бевме лимитирани од повеќе аспекти затоа што не можевме да функционираме редовно во контекст на програмата. Сега е малку поинаку бидејќи сме национална институција. И буџетот е попристоен и може да правиме редовни концерти и редовна програма. Тоа сè ни ја проширува визијата, она што сме го имале кога почнувавме, а веќе има голем процент на реализација. Сметам дека уште малку треба технички и логистички да се средат некои работи во врска со оркестарот за да може до крај да ги реализираме сите тие наши идеи- вели Стевковски.
Концертите сега исклучиво се прават во слободните термини на двете сали што ги имаат во Операта и во Филхармонијата.
– Просторот што се прави за да може да работиме сè уште не е готов. Тоа малку ни ја отежнува работата. Многу е поедноставно кога имате просторија за вежбање и работите со полна пареа. Вака е малку проблематично, би рекол, иако се снаоѓаме многу добро – вели Стевковски.

Македонски

