
Се проценува дека 20 милиони деца на возраст од 12 до 17 години – речиси секое петто дете – биле изложени на барем една форма на сексуална експлоатација и злоупотреба со помош на технологија, во само една година, во 21 земја, според новиот извештај објавен од УНИЦЕФ денеска.
„Низ детските очи: Како дигиталните технологии овозможуваат сексуална злоупотреба на деца“ги обединувасведоштвата на децата со една од најголемите бази на достапни анкетни податоци за да предупреди на широко распространет тренд на сексуална злоупотреба и експлоатација на деца – онлајн и офлајн – овозможени од технологијата.
Во извештајот се проценува дека над 15 милиони деца биле изложени на несакана сексуална содржина, од 9 милиони било побарано да се вклучат во сексуални разговори или да споделат сексуални слики против своја волја, а сексуални слики од 4 милиони деца биле споделени без нивна согласност. Меѓутоа, вистинскиот обем на проблемот веројатно е многу поголем поради недоволното пријавување од страна на децата.
„Извештајот открива болна реалност. Повеќе од 20 милиони деца во земјите опфатени со истражувањето биле изложени на несакана експлицитна сексуална содржина или експлоатација преку интернет, често во дигиталните простори каде што учат, играат и се поврзуваат со пријателите“, изјави извршната директорка на УНИЦЕФ, Кетрин Расел. „Овие искуства предизвикуваат длабоко емоционално и психичко страдање. Многу деца страдаат во тишина, не знаејќи каде да се обратат за помош. Не смееме да го свртиме погледот.“
Според наодите, речиси 60 проценти од случаите се случиле на социјалните мрежи, вклучувајќи ги Фејсбук, Инстаграм, Снепчет, ТикТок и Вотсап, а 14 проценти од случаите се случиле во онлајн-игри, при што карактеристиките, функциите и дизајнот на платформите се користеле за искористување на довербата, се наведува во извештајот. Во Црна Гора, повеќе од 80 проценти од пријавените случаи вклучувале платформи на социјалните медиуми, додека во Колумбија тие биле поврзани со над половина од случаите.
Во земјите опфатени со истражувањето, во 57 проценти од случаите било вклучено лице што детето веќе го познавало, меѓу кои и врсници, романтични партнери, пријатели и членови на семејството, со што се побиваат претпоставките дека онлајн-злоупотребата првенствено ја вршат непознати лица. Истовремено, 38 проценти од децата првпат го сретнале сторителот на интернет, а доказите покажуваат дека злоупотребата се олеснува преку лажни профили и приватни пораки.
Сексуалната експлоатација и злоупотреба со помош на технологија може длабоко да влијаат врз емотивната благосостојба на децата, нивното чувство на безбедност и доверба во другите. Искуствата што децата ги опишуваат при разговорите во истражувањето честопати се фокусираат на страв, срам, збунетост и изолација, при што многумина се мачат да сфатат што се случило или каде да побараат помош.
„Не знаев како да реагирам… Бев како во шок“, рече една млада жена од Доминиканската Република, откако приватни слики биле објавени без нејзина согласност на 14-годишна возраст. Друга учесничка во истражувањето, размислувајќи за слично искуство, рече дека се чувствувала „како најискористена, највалкана, најлоша личност“.
Според анализата, децата изложени на експлоатација со помош на технологија имале четирипати поголема веројатност да пријават самоубиствени мисли или однесување и самоповредување, а пријавиле и значително повисоко ниво на анксиозност. На пример, во Мексико и Македонија, ризикот од самоубиствени мисли или однесување бил повеќе од осумпати поголем кај децата кои доживеале злоупотреба, додека во Пакистан ризикот од самоповредување бил над седумпати поголем.
Над 40 проценти од случаите на злоупотреба со помош на технологија никогаш не биле обелоденети пред никого, додека помалку од 1 процент биле пријавени до надлежните органи како што се полицијата, социјалните работници или телефонските линии за помош. На глобално ниво, најчестата причина поради која децата молчеле била тоа што не знаеле каде да одат или кому да кажат. Во некои од земјите опфатени со истражувањето, стапките на неоткривање биле уште повисоки, како на пример, во Ерменија, каде што за над половина од случаите никогаш не било кажано никому.
Наодите укажуваат на итна потреба од постапување на владите, технолошките компании и другите чинители заради подобра заштита на децата во дигиталната доба. Во извештајот се повикува на итна акција за:
- Дигиталните платформи треба да бидат „безбедни по дизајн“ – со посилна заштита на приватноста на децата, ограничувања за непосакуван контакт од возрасни, побезбедни системи за препораки и подобро откривање и пријавување злоупотреби.
- Зајакнување на законите, регулативата и одговорноста, обезбедувајќи им на владите извршни инструменти и мерки за решавање на сѐ поразвиените форми на злоупотреба, вклучително сексуална изнуда и материјал со сексуална злоупотреба генериран од вештачка интелигенција.
- Градење системи за пријавување и поддршка на кои децата можат да им веруваат, како и вложувања во детска заштита, здравство, правда и социјални услуги.
- Заштитата не смее да биде товар на децата. Семејствата, училиштата и заедниците треба да обезбедат поддршка кога децата ќе се доверат за злоупотребата која им се случила и да им помогнат безбедно да пристапат до соодветна помош.
- Намалување на економската ранливост што ја злоупотребуваат сторителите, преку посилна поддршка на семејствата и проширување на можностите за образование и вработување на децата и младите.
- Справување со општествено-родовите норми со кои се нормализира сексуализацијата на девојчињата и се стигматизираат жртвите на сексуално насилство.
„Сите ние, вклучувајќи ги владите и технолошките компании, мора да направиме повеќе за да ги заштитиме децата на интернет“, рече Расел.

Македонски


