
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска изјави дека некои од илегалните лекови, кои беа запленети во полициска акција, биле наменети за домашниот пазар, а други за странскиот, додавајќи дека случајот произлегол од претходни оперативни постапки и вештачења мобилни телефони.
Дел од нив бил за македонскиот пазар, а дел, во согласност со првичните информации што ги имам, бил за пазар на територијата на нашиот сосед. Добро е што оваа постапка и акција координирано се презема во соработка со Јавното обвинителство врз основа на претходни постапки што, да речеме, сме ги почнале ефективно во рамките на телефоните што се одземени при првичната акција пред извесно време што ја имавме – изјави Тошковски одговарајќи на новинарско прашање по дијалог-сесијата на Националната конвенција за Европската Унија.
Дополнително произлегле докази, како што рече, кои довеле до сите чекори преземени за разоктривање на криминалната група.
Добро е што е спречена една организирана криминална група, која во изминатите години дејствувала на начин на кој дејствувала надвор од законите, внесувала на територијата на државата разни видоиви незаконска стока, да се изразам, и добро е што повеќе нема да може да го прави тоа. А се надевам дека Јавното обвинителство и судот во иднина ќе ги преземат сите оние нивни надлежности со цел на крајот да видиме правда во овој случај и да упатиме порака до сите оние што мислат дека се недопирливи – истакна тој.
МВР вчера соопшти детали од акцијата во која била сузбиена криминална група за шверцување стоки и коруптивни кривични дела, при што е поднесена кривична пријава против осум лица, одземени над 100.000 евра, лекови, суплементи и други предмети.
Полициски службеници од Одделот за сузбивање организиран и сериозен криминал, во координација со Одделот за специјални полициски операции – Единицата за брзо распоредување, завчера под раководство на ОЈО за ГОКК спровеле полициска акција за сузбивање криминална група инволвирана во шверцување стоки и коруптивни кривични дела.
Врз основа на наредби од Основниот кривичен суд Скопје, извршени се претреси на повеќе локации во Скопје, Тетово и Гевгелија, при што од слобода се лишени шест лица, а при претресите се пронајдени и одземени над 100.000 евра, 16 плочки (златна боја), цигари и тутун без акцизни маркички, поголема количина лекови и суплементи, кои биле нелегално внесени во државата, повеќе мобилни телефони и други предмети.
Единицата за финансиски криминал при Секторот за криминалистички истраги во Одделот за сузбивање организиран и сериозен криминал до ОЈО за ГОКК поднесе кривична пријава против осум лица: М. С. (52) од Тетово, З. С. (42) од Гевгелија, А. С. (38) од Скопје, Б. Љ. (46) од Тетово, Е. А. (55) од Скопје, Д. Џ. (46) од Тетово, Б. А. К. (34) и С. С. (42), двајцата од Турција, за повеќе кривични дела, меѓу кои шверцување, прикривање стоки што се предмет на шверц“, избегнување плаќање акциза, примање поткуп, давање поткуп, производство и пуштање во промет штетни средства за лекување и перење пари и други приноси од казниво дело.
Во периодот од 2024 до 2026 година првопријавениот М. С. организирал нелегално внесување и складирање акцизна стока – цигари и тутун, како и нивна понатамошна препродажба. Во рамките на криминалните активности, преку давање поткуп на царинскиот службеник З. С., на членови на групата им било овозможено непречено пренесување акцизна стока преку царинската линија без пријавување и плаќање на законските давачки, како и нелегално внесување лекови и суплементи наменети за продажба. Со дел од утврдените дејства е предизвикана материјална штета на буџетот на државата, односно избегнати се царински давачки, акциза и данок на додадена вредност во значителен износ, а со пуштањето во промет без одобрение, упатство и рецепт, некои од производите предизвикале опасност за здравјето на луѓето.

Македонски


