
Денеска (18.06.) во СВР Велес, директорот на Бирото за јавна безбедност при МВР, Александар Јанев, одржа серија работни состаноци со раководството на овој Сектор за внатрешни работи, како и со претставници и одговорни лица од релевантни институции од областа на безбедноста во сообраќајот. Првенствено, работните средби беа фокусирани на унапредување на сообраќајната и општата безбедност во државата и регионот Велес, со посебен аналитички осврт во делот на тековните состојби во безбедноста на сообраќајот, при што беа предложени низа конкретни насоки за поефикасна акција.
Во тој контекст, директорот Јанев, оценувајќи ја состојбата на патиштата за сериозна, со се позачестини тешки сообраќајни незгоди, дел од нив и со загубени човечки животи, потенцираше дека покрај потребата од засилена меѓуинституционална координација неопходно е засилување на секојдневната реакција директно на терен.
Според Јанев, суштинско е почитувањето на сообраќајните правила и прописи да стане културна и етичка матрица на поведение, како во интерес на личната безбедност, така и во интерес на безбедноста на сите учесници во сообраќајот.
На средбите беше, меѓу другото, најавено дека полициските мотоцикли, кои што и досега дејствуваа на целата територија на државата, сега посебно во екот на летната сезона, кога управувањето на мотоцикли од сите возрасни категории граѓани е драстично зголемено, ќе бидат застапени со дополнително зголемено присуство и мобилност на терен.
Во рамки на напорите за зголемување на ефикасноста, како што беше посоченои на средбите се користат и најсовремените алатки и уреди на Интерпол за откривање на возила предмет на меѓународна потрага. „Овие современи алатки ни овозможуваат да бидеме чекор понапред пред криминалот. Ова е дел од нов пристап – каде што секој систем, секој ресурс и секој човек е ставен во функција на заштита на граѓаните“, истакна директорот Јанев.
Секако средбите тематски беа фокусирани и на општата безбедносна сотојба на регионално ниво како во поглед на јавниот ред и мир, така и во делот на криминалитетот па се до насилството меѓу младите, односно врсничкото насилство и улогата на полицијата во заедницата. Во тој контекст директорот Јанев имаше средба и со градоначалникот на општината Велес, Марко Колев, на која што заеднички беа договорени конкретни чекори за подобра координација меѓу општинските и државните институции, со фокус на превенцијата, сообраќајната инфраструктура, општинската инфраструктура и јавната безбедност.
Инаку, денешните средби во Велес се дел од поширока стратегија за подигнување на нивото на безбедност во сите сегменти – со фокус на безбедноста на граѓанинот, односно неговиот живот и сигурноста во секоја локална средина, или како што истакна директорот Јанев – „Полицијата нема привилегија – има должност: да биде секогаш на страна на граѓанинот, да служи, да штити и да делува.