Skip to main content

Делегација на Собранието учествуваше во Мисијата на ПС на ОБСЕ за набљудување на парламентарните избори во Албанија

Фото. Собрание

Делегација на македонското Собрание, во состав Моника Зајкова, шефица на делегацијата и членовите Никола Мицевски и Халил Снопче, денеска, учествуваше во Мисијата на ПС на ОБСЕ за набљудување на парламентарните избори во Албанија, кои се одржаа вчера на 11 мај 2025 година.

Како што информираат од законодавниот дом, Мисијата на ПС на ОБСЕ се состои од парламентарци од земјите учеснички во ОБСЕ, кои се распоредени за набљудување на парламентарните избори во главниот град Тирана, како и во другите региони на Албанија.

Набљудувачите на ПС на ОБСЕ тесно соработуваа со колегите од Канцеларијата за демократски институции и човекови права на ОБСЕ (ОБСЕ/ОДИХР) со цел да добијат повеќе информации за спроведување на парламентарни избори во земјата. Околу 100 краткорочни набљудувачи на ПС на ОБСЕ беа распоредени во Албанија за парламентарни избори на 11 мај 2025 година, посочуваат од законодавниот дом.

Оттаму додаваат дека набљудувачите биле темелно информирани од претставници на изборната администрација, граѓанското општество, кандидатите, партиските претставници и експертите за ситуацијата пред изборите.

Изборите ќе се оценуваат според демократските заложби содржани во Копенхашкиот документ на ОБСЕ од 1990 година. Прелиминарните наоди и заклучоци за изборите ќе бидат претставени на прес-конференција во Тирана на 12 мај. Тимот на Делегацијата на Собранието на Република Македонија ги набљудуваше изборите во различни делови на главниот град Тирана и околината каде што посетија околу десетина изборни места и поднесоа писмени извештаи за своите согледувања, стои во соопштението. 

Поврзани вести