
Владата е подготвена до средината на следниот месец да бидат потпишани колективните договори со кои ќе се овозможи етапна исплата на додаток на плата од 30 проценти за вработените во државната управа, освен правосудството. Тоа, како што изјави претседателот на Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженија на граѓани (УПОЗ) Трпе Деановски, го соопштил премиерот Христијан Мицкоски денеска на средбата во Владата со претставниците на синдикатите.
Синдикатот на УПОЗ во јануари одржа неколку протести барајќи зголемување за 30 проценти на додатокот на плати во органите на државната управа. По ставањето на протестите во мирување, како што соопшти Деановски, биле одржани пет средби и е постигнат договор.
– Ние бевме договорени, договоривме тие 30 проценти додатоци на плата да ги добиеме на неколку рати, ако можам така да кажам, во рок од четири години. А покрај тоа, потенцирам, додаток на плата, не покачување на плата, сите вработени во овие институции кои протестираа, секој март да си добиваат усогласување на плата, дали ќе биде тоа со пораст на просечната, дали ќе биде пораст со минималната плата. Денеска премиерот не извести дека Владата е спремна до почетокот или средината на мај колективните договори да бидат потпишани, што ќе значи дека секое министерство, секој орган на државна управа кој нема потпишано колективен договор ќе потпише и на тој начин ќе бидат добиени тие додатоци на плата што ги баравме со протестите во јануари. За жал, ќе потпишат и некои други синдикати што никој не знае како се викаат но ние сме тука за работиците, мило ми е што премиерот не слушна што веќе договоривме одредена динамика на работите и што работниците во државната управа односно административните службеници конечно ќе почнат да се одлепуваат од минималната плата, изјави Деаноски по средбата.
На протестите во јануари учествуваа членови во УПОЗ од министерствата за животна средина и просторно планирање, за дигитална трансформација, за шумарство и водостопанство, за правда, за култура и туризам, за економија и труд, и за транспорт, како и од Државниот завод за статистика и Државниот архив.
Во фокусот на денешниот состанок во Владата беа зголемувањето на минималната плата и примената на колективните договори, за кои теми претставниците на Сојузот на синдикатите на Македонија и на Конфедерацијата на слободни синдикати по средбата излегоа со меѓусебни обвинувања и спротивставени барања. Претседателот на ССМ Слободан Трендафилов изјави дека Владата не била против зголемувањето на минималната плата, туку останатите два синдикати кои присуствувале на состанокот, нагласувајќи дека барале да се укинат одредбите на општиот колективен договор во процесот на растот на платите во јавниот секор или општиот колектив договор да се стави ад акта. Наспроти него, претседателот на КСС Благоја Ралповски, оцени дека тоа што го бара ССМ е популизам, истакнувајќи дека со покачувањето на минималната плата на 30.000 денари ќе бидат опфатени само дел од вработените во државата.
Според Трендафилов, единствено ССМ на денешниот состанок ги истакнал барањата на работниците.
– Работниците во Македонија немаат толку голем проблем со Владата, колку што имаат со останатите синдикати. Единствено Сојузот на синдикати на Македонија денеска ги истакна барањата на работниците, вклучително растот на минималната плата, растот на сите останати плати, како и почитувањето на општиот колективен договор за јавниот сектор и потребата од зголемување на платите во јавниот сектор за 12,6 проценти, изјави Трендафилов.
Посочи дека во наредниот период ССМ ќе продолжи да разговара за растот на платите, нагласувајќи дека Владата не била против зголемување на минималната плата.
– Владата во овој момент не е против зголемувањето на минималната плата, а се разбира дека разговаравме и за зголемување на платите во останатиот сектор, особено за министерствата за кои ССМ и Синдикатот на УПОЗ веќе неколку недели преговарат со Владата, односно она што го бараат работниците додаток на плата за 30 проценти, рече Трендафилов.
Нагласи дека следниот период сите вработени во јавниот сектор треба да добијат зголемување на нивните плати, но, како што рече, другите два синдиката бараат укинување на одредбите на општиот колективен договор во процесот на растот на платите во јавниот сектор.
– Сакаме да упатиме порака дека следниот период сите вработени во јавниот сектор, 128 илјади на број треба да добијат зголемување на нивните плати, меѓутоа она што е лошо е тоа дека другите два синдикати кои што учествуваа на состанокот бараат да се укинат одредбите на општиот колективен договор во процесот на растот на платите во јавниот сектор или да се стави општиот колективен договор ад акта што ќе каже дека ќе нема примена во ниту една одредба. ССМ како потписник смета дека општиот колективен договор треба да се применува и во наредниот период, а со Владата како потписник од другата страна стоиме на располагање да седнеме да разговараме за сите спорни прашања, рече Трендафилов.
Според Ралповски, со покачувањето на минималната плата на 30.000 денари ќе бидат опфатени само дел од вработените во државата.
– Нашето прашање до другите синдикати беше дека со покачување на минималната плата на 30.000 денари ќе бидат опфатени 70.000 или 80.000 вработени од 700.000 вработени во државата. Го прашавме претседателот дали се спремни на почитување на Законот на минимална плата имаме колективни договори на ниво на гранка и дали се спремни сето тоа да го субвенционираат и дали можат да го издржат сето тоа, затоа што ние и во минатото и сега бараме само почитување на законите и колективните договори. Она што ССМ го бара е популизам, нагласи Ралповски.
Во делот на минималната плата, посочи дека на состанокот било истакнато дека Владата не е спремна да ги субвенционира платите, бидејќи, како што рече, имала законска обврска сите плати во јавниот сектор потоа да се покачат.
– Владата на чело со премиерот изјави дека не се спремни да ги субвенционираат платите, затоа што имаат законска обврска сите плати во јавниот сектор потоа да се покачат, дека немаат толкаво предивдено покачување во буџетот, тоа ќе биде огромен товар и дека ќе имаат проблеми со меѓународните фактори кои што се кредитори на оваа земја. Но, останува прашањето отворено доколку е подобра економската состојба во наредниот период да седнеме и да разговараме со нив, рече Ралповски.
Тој потсети дека КСС во 2023 година не се согласиле со одредбите во Општиот колективен договор околу делот на покачувањето на платите.
– Како КСС ние уште во 2023 година не се сложивме со таквите одредби во општиот колективен договор околу делот на покачувањето на платите. Во 2024 година истиот пропишуваше 0,7 покачување на платите во јавниот сектор. Низ гранските синдикати со ова последно се изборивме за поголеми покачувања во јавниот сектор да дојдат многу поголеми од минималната плата. Тој општ колективен договор истекува во јуни, рече Ралповски.