Skip to main content

Дали Македонија може без Пржинo? Лидерите на маса, опозицијата во раскол

Кој седнува, кој бега: Лидерската кај Мицкоски го дели политичкиот блок

Премиерот Христијан Мицкоски утре во Клубот на пратениците ќе одржи лидерска средба со претседателите на парламентарните партии што имаат пратенички групи во Собранието, на која ќе се разговара за клучни политички и системски прашања, меѓу кои реформите во правосудството, Изборниот законик, изборот на Народен правобранител и укинувањето на техничката влада.

Како што најави премиерот, на средбата ќе може да се отвори дискусија и за други теми по предлог на учесниците.

Од владејачката коалиција се очекува учество на лидерот на ЗНАМ и градоначалник на Куманово, Максим Димитриевски, како и на лидерите на коалицијата ВРЕДИ – градоначалникот на Тетово Биљал Касами и координаторот на пратеничката група Беким Ќоку. ВРЕДИ веќе потврди дека ќе учествува, оценувајќи дека техничката влада е надминат модел и дека државата веќе има капацитет сама да организира фер и демократски избори.

Од опозицијата, засега учество најави само Левица, која ќе биде претставена од нејзиниот претседател Димитар Апасиев. Партијата поддржува укинување на техничката влада, но под услов да се воведе една изборна единица и да се обезбеди еднаков медиумски пристап за сите политички субјекти во предизборниот период.

ДУИ допрва ќе одлучува дали ќе присуствува. Партијата денеска одржува седница на Генералниот совет, по што ќе се знае дали лидерот Али Ахмети ќе се појави на состанокот.

СДСМ, пак, останува надвор од процесот. Партискиот лидер Венко Филипче веднаш ја одби поканата, со образложение дека нема да седи „со криминалци на маса“. Тој порача дека техничката влада не смее да се укине бидејќи била гарант за фер избори и спречувала злоупотреби на системот „Сејф сити“ за следење на опозицијата. СДСМ најави дека реформските закони ќе ги поддржи во Собранието, но не и на лидерска средба.

Од Владата соопштија дека официјално добиле известување од СДСМ за нивното неучество.

Премиерот Мицкоски, пак, инсистира дека процесот треба да биде инклузивен и дека токму затоа ја повикал опозицијата.

„Не би сакал да влегуваме во укинување на техничката влада без консензус. Такви важни промени во политичкиот систем треба да се носат со договор. Ако велиме дека техничката влада е имплант кој го кочи системот, тогаш треба заеднички да го решиме тоа“, изјави Мицкоски.

По одбивањето од Филипче, тој порача дека иако власта има доволно 61 пратеник за да ја укине техничката влада и без опозицијата, сепак сакал процесот да биде поширок и поконсензуален.

Покрај Законот за влада, на маса ќе бидат и Изборниот законик, законите за Јавното обвинителство, за судската и обвинителската служба, како и законите за кои е потребно бадентерово мнозинство, кои во моментов се блокирани во Собранието. Меѓу нив се и измените на Законот за прекршоците, од кои зависи дали од 1 февруари ќе профункционира казнувањето преку СМС и мејл за сообраќајни прекршоци регистрирани преку системот „Сејф сити“.

Лидерската средба е закажана за утре околу пладне и се очекува да покаже дали постои минимален политички консензус за деблокирање на клучните институционални процеси во државата.

Поврзани вести