
Движењето ЗНАМ за Наша Македонија упати честитки по повод 2 Август – Денот на Републиката, ден кој, како што посочуваат, длабоко го врежува стремежот за слобода, правда и достоинствена држава.
Во честитката посочуваат дека Илинден е повеќе од историски датум. Овој датум, како што нагласуваат, е симбол на непокорот, државотворноста и идеалот за заедничка, правична и народна власт.
-Од Крушево до АСНОМ, одвек низ вековите, македонскиот народ и сите граѓани кои живеат овде ги вградиле своите животи во идејата за Македонија што ќе им припаѓа на своите луѓе, на своите граѓани. Во време кога вредностите на Илинден повторно се ставаат на тест, ние од Движењето ЗНАМ ја истакнуваме нашата силна определба за: политички морал, правда наместо привилегии, институции што служат на граѓаните, а не на поединците, економија која создава шанса, а не сиромаштија и локална и национална власт што ќе се темели на одговорност, знаење и љубов кон татковината, посочуваат од партијата.
Нашиот пат, посочуваат од ЗНАМ, е патот на Илинденците – да се живее достоинствено, со јасна цел и со верба дека Македонија може и мора подобро.
-Затоа, на овој голем ден, да се потсетиме дека Републиката не е завршена приказна, туку постојана обврска — да ја градиме, чуваме и обновуваме. Во името на хероите од Крушево и АСНОМ, во името на секој човек што ја сака оваа земја — нека е вечен Илинден! Нека е вечен стремежот за силна, праведна и народна Македонија!, се посочува во честитчата на Движењето ЗНАМ.