Skip to main content

Андоновски: Ќе биде распишан јавен повик до помалите општини за темплејти за веб страниците на општините

Министерството за дигитална трансформација наскоро ќе распише јавен повик до помалите општини за темплејти за веб страници на општините, истакна денеска министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски на панел-дискусијата „Меѓународна соработка за развиени општини“, која се одржа во рамки на Саем-Отчет, организиран од страна на владејачката ВМРО-ДПМНЕ.

Андоновски посочи дека Министерството за дигитална трансформација бесплатно ги развива темплејтите за веб страниците на општините, ќе ги полни и мигрира податоците, по што една година ќе ги одржува и ќе им бидат ставени на располагање, а потоа, како што рече, за многу малку средства секоја општина ќе може да ги одржува на долг рок.

Уште еден проект кој го реализираме како Министерство, јавниот повик ќе биде распишан многу скоро, особено за помалите општини е важен, тоа се темплејти за веб страници на општините, коишто ние бесплатно ги развиваме за нив, ги полниме, ги мигрираме податоците, им ги ставаме на располагање и една година ги одржуваме, а потоа за многу малку средства секоја од нив може да ги одржува на долг рок, изјави Андоновски.

Тој посочи дека до 2028 година се планира да има унифициран Национален документ менаџмент систем кој ќе овозможи целосна дигитализација на внатрешното работење на општините и полесно вмрежување меѓу општините и институциите.

Проект којшто е многу значаен и конечно добива свое отелотворување, познато е дека Министерството за дигитална трансформација има свој „Документ менаџмент систем“ за жал изминативе шест година приклучена била само една општина, тоа е Куманово, планираме да се фокусираме со Документ менаџмент системот и на општините, но и на голем број на институции, наша обврска од реформската агенда до 2028 е да имаме еден унифициран Национален документ менаџмент систем и планот ни е на сите да им го понудиме, тоа ќе значи целосна дигитализација на внатрешното работење на општините, да го сфатиме како еден дигитален „водовод“ на општината, рече Андоновски.

Поврзани вести