
За нас ќе биде победа на овие избори, ако имаме минимум една општина повеќе од ДУИ, изјави вечерва Азир Алиу, кој е дел од Коалицијата „ВРЕДИ“.
Околу тоа дека најинтересна битка се очекува да биде во Чаир, каде ќе има директен судир меѓу првиот вицепремиер Изет Меџити и потпретседателот на ДУИ, Бујар Османи, Алиу во гостувањето во емисијата „Само интервју“ на телевизија „Канал 5“, кажа дека партијата чиј кандидат ќе изгуби, како што вели, „е во голем ризик“
Чаир е многу интересна општина заради две работи. Прво, и Изет беше до пред две и пол, три години дел од ДУИ. Вториот момент многу интересен е дека Бујар Османи е втор човек на ДУИ. Значи, ако тој изгуби во Чаир, тоа значи дека ДУИ како политичка партија е во голем ризик. Истото важи и за „ВЛЕН“ (ВРЕДИ), дефинитивно, бидејќи, исто така, Изет е еден од главните, да кажам, лидерите на „ВЛЕН“, одговори Алиу.
Беше запрашан, ќе биде ли мирно, затоа што има стравувања дека може да се појават инциденти, насилство.
Јас мислам дека тоа е желба на ДУИ и мислам дека работат на тоа. Секој ден по некој наратив дека Албанците веќе во Македонија немаат ништо, изгубени се во простор и време, рече Алиу.
Тој се осврна и на прогнозите во кои општини победникот ќе се знае уште во првиот круг.
Ние очекуваме неколку општини да завршат во прв круг. Таму е општина Чаир, Тетово, Желино, Боговиње, најверојатно Струга, Дебар – се некои општини каде цениме и според нашите анализи, завршуваат во прв круг. Втор круг ќе има во Врапчиште, Гостивар, Кичево, вели Алиу.
Притоа, тој додаде дека на локални избори, секој глас е важен.
Алиу одговори и на прашањето, дали ги доживуваат овие избори, како, да се биде или не.
Не, овие избори за нас се локални избори. По изборите, продолжува Владата на централно ниво да ги процесира политиките што се веќе дефинирани во наредните три години. Додека, локалните политики – ние излегуваме со јасна програма, ги анализиравме сите потреби на граѓаните на локално ниво. Ако следите, нашите активности се базирани токму на реални проблеми. Ние зборуваме за училишта, за иновации, за транспарентност, зборуваме за начинот како и колку пари, колку време ќе ни треба за да се гради некоја институција, подвлече тој.
Во однос на евроинтеграциите, тој рече дека верува и сигурен е дека европскиот пат е многу битен и за Владата и за државата и за сите политички партии.
И ние сите, буквално секоја политичка партија, работи за да бидеме дел од Европската Унија еден ден, заради тие вредности што таа Унија ги има. Ценам дека по изборите, многу појасни ќе бидат процесите, потенцираше Алиу.
Тој беше прашан и дали верува дека Албанија ќе ги заврши преговорите и ќе стане членка до 2030 година.
Јас верувам дека и Албанија и Македонија ќе станат дел од Европската Унија заради две причини. Да, во исто време. Првата причина е дека нема причина да не бидеме дел од Европската Унија и заради географскиот момент, но, исто така и заради политичките моменти на Европската Унија и на сите тие политички случувања во светот, подвлече тој.