
Тековно се спроведува гласањето на болни и немоќни лица во Куманово, соопшти денеска претседателката на ОИК Куманово, Кристина Цветковска. Право на глас имаат 166 болни и немоќни лица.
– Во затворот Куманово гласањето почна во 07 часот и ќе трае до 19. Ќе има две смени, избирачки одбори. Во старскиот дом, исто така, навреме почна гласањето, изјави Цветковска.
Во Куманово укинати се три избирачки места, во селата Косматац, Сушево и Винце. Утре, право на глас имаат 94.041 гласач, со што Куманово е општина со најголем број избирачи кои ќе гласаат на 164 избирачки места.
Претседателката на ОИК Липково, Ајше Демири изјави дека гласањето на болните и немоќните лица се спроведува тековно.
– Денеска гласаат 404 лица, изјави Демири.
Според податоците на ДИК во општина Липково има 26.362 гласачи кои гласаат на 36 места.
Во општина Старо Нагоричане заврши гласањето на болните и немоќните.
– Имавме одобрено да гласаат 19 лица, 18 гласаа, едно лице не е најдено, изјави претседателот на ОИК, Старо Нагоричане, Марјан Даиловски.
Според податоците на државната изборна комисија во оваа општина, право на глас, утре имаат 3.011 избирачи кои гласаат на 36 изборни места.