Skip to main content

„Златен Елец“ слави пет години со претставата „Хинкеман“ во МКЦ

В сабота (22.02) со почеток во 20 часот, во Младинскиот културен центар (МКЦ)во Скопје, независниот театар „Златен Елец“ ќе го прослави својот петгодишен јубилеј со изведба на моќната анти-воена драма „Хинкеман“ во режија и адаптација на Тамара Стојаноска.

Претставата, која го отвори минатогодишниот фестивал „Млад отворен театар“, е базирана на делото Der deutsche Hinkemann (1923) на Ернст Толер и нуди силен критички поглед кон општествените неправди, војните и немилосрдните економски системи што ги маргинализираат најранливите. Главниот лик, Јуџин Хинкеман, воен ветеран оставен на милост и немилост на системот, ја симболизира суровата реалност на оние што општеството ги отфрла откако ќе ја изгубат „употребната вредност“.

Во претставата играат актерите Бобан Алексоски, Дритон Вејсели, Талија Настова/Надица Петрова, Ане Блажовски, Леонида Гулевска и Бранко Михајлоски, со оригинална музика на Лука Тошев. Претставата е копродукција со фестивалот „МОТ“, а неодамна имаше гостување и во Прилеп, каде што настапи пред преполна сала по повод 75-годишнината на Народниот театар „Војдан Чернодрински“.

Основан во 2020 година од актерите Бобан Алексоски и Надица Петрова, независниот театар „Златен Елец“ стана синоним за ангажиран и експериментален театар, со претстави кои отвораат важни теми и освојуваат бројни награди. Нивната претстава „Кенди“ беше прогласена за најдобра независна продукција на „МОТ 2023“, а во 2024 година ја освои главната награда на интернационалниот џез театарски фестивал „Нишвил“ во Србија. Дополнително, актерите и режисерите на „Златен Елец“ имаат добиено признанија на фестивали во Неготино, Тирана и Охрид.

Поврзани вести