Skip to main content
Јани Бојаџи, директор на фестивалот „Преку езерото“:

За време на Фестивалот за мене секој ден е празник!

Четвртото издание на фестивалот на медитерански и балкански филм „Преку езерото“ ќе се одржи од 7-12 август во Дојран. Оваа година по втор пат ќе биде доделана наградата „Мето Јовановски“ за високо актерско достигнување во уметноста на филмот, на актер од Балканот и Медитеранот.

Лауреат на фестивалот е големиот балкански, српски и македонски актер Лазар Ристовски. Човек кој во својата речиси петдецениска кариера беше и сеуште е дел од најважните филмски случувања на Балканот и Медитеранот. Лазар Ристовски играше и во два македонски филма, едниот е „Јазол“ а другиот е „Збогум на дваесетиот век“, но игра и една од позначајните рољи во култниот филм „Буре барут“ на македонскиот сценарист Дејан Дуковски. Лазар Ристовски е добник на бројни награди и признанија на речиси најголемите филмски фестивали во светот, на Балканот, Медитеранот и во Србија, а добитник е и на најголемите национални признанија за неговата општествена и политичка ангажираност во неговата земја. Тој е основач и директор на филмскиот фестивал „Дуго село“ кој се одржува во Војводина во Србија, вели директорот на фестивалот, Јани Бојаџи.

Во чест на лауреатот, на првиот ден од фестивалот во Амфитеатарот во Дојран ќе биде претставен големиот актер, ќе биде прикажан негов одбран филм и потоа ќе следува разговор со Лазар Ристовски во кој ќе може да се вклучи и публиката која ќе биде присутна во прекрасното опкружување на магичната филмска сцена покрај брегот на езерото во Дојран.

Избрана селекција од најголемите остварувања на Лазар Ристовски како негово претставување ќе имаме во Гевгелија, каде во 3 вечери ќе покажеме три избрани филмови на Лазар Ристовски, заедно со селекцијата на кусометражната селекција, посочува Бојаџи. 

Фестивалот и годинава во текот на 5 фестивалски денови ќе го промовира македонскиот филм, македонските автори, кинематографијата и култура со моќта на уметноста на раскажување приказни од нас, со нас и за нас. Но, исто така го промовира туризмот, историјата и духовните вредности. Оваа година програмата на фестивалот ќе се дисперзира и во Струмица и Гевгелија.

За програмата, доделувањето грантови на малди режисери, организацијата на Фестивалот, промоцијата на туризмот, историјата и духовните вредности разговаравме со директорот на фестивалот, Јани Бојаџи.

„Преку езерото“` е новата летна филмска дестинација. Оваа година по четврти пат авторите ќе раскажуваат филмски приказни кои доаѓаат или говорат за Балканот и Медитеранот. Какво е чувството да се организира еден ваков културен настан?

Кога човек го прави тоа што го сонувал како дете, веќе прилично одамна дете не е, но во срцето е речиси наивно заигран во светот на филмот, тогаш, чувството е забава, радост, среќа и исполнетост. Уживам! И  правам се што можам таа игра и радост да ги пренесам на целата екипа на „Преку езерото“. Во принцип, фестивал на македонски би требало да се преведува како празник, па ако е така, за мене овие денови секој ден е празник!

Фестивалот го промовира туризмот, историјата и духовните вредности преку  филмот. Од досегашното искуство, што е она што им остава најголем впечаток на учесниците од странство?

Сите странци кои сме ги донеле покрај филмот и фестивалот во Македонија во принцип се највпечатлени од природата, од историјата, од културата, од храната, од виното, но искрено најмногу од луѓето такви какви што се: отворени и гостољубиви! Мора да признам дека сите си заминуваат со идеа дека ние тука живееме супер и дека секој ден ни е празник!? На “Преку езерото“ доаѓаат обрзовани луѓе, умни луѓе, уметници растоварени од предрасуди, и сосема, ама сосема на чисто кои се и од каде доаѓаат. И речиси сите на крајот се отворени кон нас дека живееме на едно мало ама убаво медитеранско рајче на средина од истокот и западот! Зошто ние не се однесуваме и не ја живееме својата земја така, тоа е прашањето кое кога ќе го одговориме ќе се промениме целосно и ќе станеме подобри, поубави и посреќни.

Програмата почнува со филмови за деца и млади и работилница за филмска и медиумска писменост. Успевате ли да ги воведете децата во светот на творештвото преку филмот и подвижните слики на животот?

Децата и младите на овој дел од Македонија, за жал биле оставени без реално сознание за тоа што е кино, што е филм? Најголем дел од нив никогаш во животот не отишле во кино и немале среќа да ја споделат со други деца и млади магијата на филмот. Зошто е тоа така, сосема е јасно: во целиот регион од југосистокот до североистокот на Македонија, значи од Битола до Куманово, каде што нема друг филмски фестивал освен “Преку езерото“, кино има во Кавадарци, Штип, Неготино и од пред недела дена во Валандово! Струмица е регион со 80.000 жители, нема кино! И сега, ако е тоа така, тогаш, ние на “Преку езерото“, сосема, ама сосема сме на чисто дека сме почнале од буквата А во јазикот на филмот. Сме расчистиле со тоа. Ова е четврта година од фестивалот, значи веќе сме на буквата Г! Најпосле, си ја вршиме својата работа со љубов и посветеност. Токму сме. Знаме што правиме и како тоа да го направиме. И го правиме на најдобриот начин на светот – ги забавуваме младите и децата образовајќи ги. Тоа е крајната цел за нас: тие да учат  забавувајќи се! И ние со нив!

Покрај мастеркласот на Лазар Ристовски, годинашниот лауреат на наградата „Мето Јовановски“, предвидени се уште неколку мастеркласови и работилници во рамките на Фестивалот. За какви работилници станува збор?

За Лазар Ристовски, е малку да се рече дека е едно од најголемите актерски имиња на балканот и медитеранот. Тој е и продуцент и режисер. Играл во преку 70 различни улоги на филм и телевизија. Се работи за човек кој за актерството и за уметноста на филмот има многу што да каже. И убеден сум дека неговиот Мастеркал ќе биде вистинско споделување на мајсторските тајни со студентите и дебитантите во уметноста на филмот. Покрај Лазар Ристовски, Мастерклас ќе има и иранскиот режисер Милрад Тангшир, кој ќе зборува за тоа како е да се снима во Италија, во земја која за него сепак е туѓа. И како во овој свет на голема конкуренција, на игри, на шеми, на мрежи и комплицирани односи на финансирање тој успева да работи и да создава дела кои во секој смисол се универзални.

Наградата „Мето Јовановски“ ја доделувате по втор пат. Како дојдовте на идеја да го востановите ова признание?

Беше болка на душата. Мето Јовановски не напушти пред три години. За жал, точно во време кога сеуште имаше што да каже во уметноста на филмот. Ние, неговите колеги, соработници, пријатели, во негова чест, во чест на делото на човекот – актер чие лице и личност беа синоним за Македонија и за Македонците низ целиот балкан, во најдобриот смисол на зборот. И затоа решивме да ја воспоставиме оваа награда. Мината година по прв пат ја доделивме на магот на македонското актерство во уметноста на филмот Владо Јовановски, ова година лауреат е Лазар Ристовски. Многу се радувам што Лазар Ристовски, за кого знае македонската публика дека е македонец по татко, ќе биде со нас на “Преку езерото“ и заедно ќе чествуваме, ќе фестивалствуваме како и што филмувавме со Мето Јовановски.

На свеченото отворање, Светска премиера ќе има кусометражните дебитантски играни филмови на добитниците на Грантовите од програмата „Нови бранови“. Кажете ни нешто повеќе за оваа програма?

„Нови бранови“ е студентска програма која е организирана како работилница за развој на сценарија и развој на филмовите за нивна продукција. Преку езерото, Алфа Телевизија, Синемон Медија Фактори, Револушн продакшн, како и пријателите, а тоа се нашите колеги и соработници од Контраст филм, Про Лајт, ФХ3Х, но и Универзитетот Еуропа Прима и Факултетот за драмски уметности од Скопје, партиципираме во продукцијата, постпродукцијата и дистрибуцијата на студентски, дипломски и дебитантски кусометражни играни филмови. Зошто го правиме ова, по ѓаволите? Затоа што Агенцијата за филм и МРТ кои имаат законска обврска да подржуваат и произведуваат студентски и дебитантски проекти тоа не го прават! Зафатени се со криминал, корупција, непотизам и борби за приграбување на ионака десеткуваниот филмски и телевизиски буџет! И во таа агонија за тоа кој повеќе да приграби денеска, заборавиле на иднината. А иднината на филмот се студентите и дебитантите! Освен што сум режисер и продуцент, јас сум и универзитетски наставник. И некако, си ветив, додека не се среди ова лудило, да не дозволам студентите и дебитантите да останат без можност да ги снимат своите први филмови и така да се претстават на светот! И во ова работа уживаме. Кога ќе го видиш резултатот од еден ваков труд, а тој, за наша среќа е два бравурозни кусометражни филмови на Кристијан Костадиновски и Софија Христовска, кои своите премиери ќе ги имаат на “Преку езерото“, тогаш, не ми доаѓа на ум ништо подобро освен да прокудам: во мајчината сите тие будали кои заблудени во своите суети решиле да ја убиваат филмската иднина на Македонија! За среќа, не им го дозволивме тоа. Па така, ова година повторно ќе финансираме студентски и дебитански филм на двајца млади филмаџии од македонските универзитети за филм и телевизија!

За затворањето, пак, најавивте македонска премиера на најгледаниот грчки филм во последните десет години. Можете ли да ни откриете за кој филм станува збор?

Ајде нека е тоа мала тајна. Се до крајот на “Преку езерото“ да исчекуваме нови и возбудливи филмски приказни.

Поврзани вести