Во годишната програма за драмска дејност, очекуваме да се реализираат 57 премиери во организација на националните театри, што претставува за 40 % зголемена продукција и двојно поголема финансиска поткрепа во однос на изминатите години. Воедно, поддршка добија и над 40 професионални и аматерски претстави во организација на театарски продукции. Соодветна поддршка добија и 20 театарски фестивали и манифестации, истакна на денешната прес конференција министерот Љутков.
Исто така, оваа година ќе ги поддржиме јубилеите на националните установи, и тоа: Македонскиот народен театар од Скопје, кој годинава ќе прослави 80 години од основањето, додека Албанскиот и Турскиот театар од Скопје и Прилепскиот театар ќе одбележат 75 години од основањето.
Во однос на програмските содржини, застапени се многу режисери од сите генерации, кои ќе реализираат премиери по текстови од врвни дела од светската драматургија, како и дела на значајни автори од домашното творештво.