
Во Галеријата на Младинскиот културен центар (МКЦ) на 17 јуни во 20 часот се отвора третото издание на групната изложба „Професори и студенти“ во организација на МКЦ и со поддршка на Град Скопје.
На изложбата, која претходно стана култен белег на современата уметничка сцена, учествуваат: Факултетот за дизајн и мултимедија при Американскиот универзитет на Европа, Факултетот за арт и дизајн при Европскиот универзитет – Скопје, Факултетот за уметност и дизајн при Интернационалниот Балкански универзитет – Скопје, Универзитетот Мајка Тереза, Ликовната академија при Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, Факултетот за ликовни уметности при Универзитетот во Тетово.
Изложбата „Професори – студенти“, која оваа година по трет пат се одржува во просториите на Младинскиот културен центар во Скопје, претставува значаен уметнички и образовен настан што ја презентира и разгледува врската меѓу менторите и младите уметници. Со заедничко изложување на дела на професорите и нивните студенти, во изложбената галерија на МКЦ, се создава простор за дијалог во кој се испреплетуваат искуството и иновацијата, традицијата и современите уметнички тенденции, методологијата и слободата на изразување.
И ова издание на изложбата „Професори – студенти“ обединува веќе признати уметници, како и нови, идни таленти. Учесници на изложбата се повеќе од 50 професори и студенти од осум важни високообразовни институции во Македонија.
Учесниците се претставени со дела изработени во различни уметнички техники, вклучувајќи сликарство – масло и акрилик, цртеж, скулптура, дигитални медиуми, моден и внатрешен дизајн, фотографија и инсталација. Ова обединување на различните уметнички дисциплини ја рефлектира богатата и разновидна сцена на современата македонска уметност. Дополнително, тоа и е јасен показател за мултидисциплинарниот карактер на современото уметничко образување во Македонија, кое ги охрабрува студентите да се вклучат во уметничкиот дискурс со различните традиционални и современи уметнички форми и медиуми, вели проф. Кирил Пенушлиски.