Skip to main content

Во Белград отворена изложба на дела од Петар Мазев: Славиме уметност што останува и творец што остави неизбришлива трага, рече Ѓоргова

„Сага за творечките немири“ е насловот на изложбата која вчеравечер во МТС Дворана во Белград во организација на Македонскиот културно-информативен центар вчеравечер беше отворена изложба посветена на еден од најзначајните македонски ликовни уметници, Петар Мазев, чие творештво остави длабока трага во современата македонска и регионална уметност.

Државниот секретар во Министерството за култура и туризам Марија С. Ѓоргова во своето обраќање на отворањето на изложбата истакна дека Мазев е автор чие дело одамна ги надминало границите на времето и просторот, а неговата уметност и денес комуницира со новите генерации преку својата силна емоција, автентичен израз и универзални пораки.

Големите уметници не припаѓаат само на своето време. Тие продолжуваат да живеат преку своите дела, да разговараат со нови генерации и да нè потсетуваат дека уметноста е една од ретките вредности што му одолева на времето. Петар Мазев е токму таков уметник. Вечерва оддаваме почит на еден од творците на современата македонска уметност, на автор чие име одамна стана дел од културната меморија на Македонија. Во оваа пригода сакам да упатам искрена благодарност до Македонскиот културно-информативен центар во Белград и до сите негови вработени и соработници, кои со голема посветеност и професионалност ја негуваат и промовираат македонската култура пред српската јавност. Благодарение на нивната работа, делото на Петар Мазев вечерва добива нов простор за дијалог и нова можност да ја потврди својата универзална вредност. Тоа е уште една потврда дека културата останува најцврстата врска меѓу нашите две земји, врска создадена од почит, пријателство и заедничка посветеност кон уметноста и духовните вредности. Роден во Кавадарци, а творечки обликуван меѓу Скопје и Белград, Петар Мазев припаѓа на генерацијата уметници што го создадоа современиот македонски ликовен израз. Но неговото наследство не се состои само од врвни уметнички дела. Тој беше педагог, визионер и еден од оние луѓе кои разбираа дека културата не се гради само со талент, туку и со институции, знаење и посветеност. Како што еднаш ќе запише Глигор Чемерски, „Мазев беше редок творец кој не го следеше времето во кое живееше, туку создаваше свое време во уметноста.“ Во неговите дела има нешто длабоко македонско и истовремено универзално. Во нив живеат: бојата на поднебјето, драматиката на историјата, енергијата на човекот и немирот на творецот. Неговите платна се скапоцено сведоштво за едно време, но и пораки што продолжуваат да допираат и денес. За делото на Мазев, академик Димитар Кондовски во една пригода ќе забележи дека „ја претвора бојата во емоција, а емоцијата во духовна вредност што трае.“ Токму затоа Мазев останува современ. Неговата уметност не бара само визуелна перцепција, туку и мобилизација на сите сетила. Таа нè предизвикува да размислуваме, да се преиспитуваме и да ја откриваме длабочината на сопственото искуство. Верувам дека оваа изложба ќе придонесе уште повеќе да се зацврстат културните врски меѓу нашите две земји и ќе им овозможи на посетителите повторно да се сретнат со еден исклучителен уметнички свет, создаден од автор чие дело одамна ги надминало границите на времето и просторот. Вечерва славиме уметност што останува. Славиме творец што остави неизбришлива трага, во своите дела што и денес зрачат со истата сила, истата страст и истиот немир со кои се создавани, потврдувајќи дека вистинската уметност никогаш не старее, рече Ѓоргова.

Во рамките на настанот беше нагласено значењето на Македонскиот културно-информативен центар во Белград во афирмацијата и промоцијата на македонската култура пред српската јавност, како и улогата на културата како најцврста врска во пријателство и соработка меѓу двете земји.

Изложбата која се реализира со поддршка на Министерството за култура и туризам нуди ретка можност белградската публика повторно да се сретне со делата на Мазев ,  уметник, педагог и визионер, чие творештво останува трајно сведоштво за силата на македонската уметност и нејзините универзални вредности.

Поврзани вести