
Вечерва, на 19 јуни 2026 од 18.30 ч. во Ликовната галерија на Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп ќе биде отворена изложбата „Фузија“ од Христијан Томан. На изложбата, поддржана од Министерството за култура и труизам, авторот ќе се претстави со триесетина дела – дигитални илустрации како и цртежи во помал формат, сите дела во а4 и а3 формат.
Во мојот визуелен израз се стремам кон дигитална синтеза на книжевните класици, традиционалната илустрација и текстуралната едноставност на графиката. Инспириран сум од безвремената литература и симболи, сакам да ги реинтерпретирам овие приказни преку различни стилови и сопоставувања, инкорпорирајќи ги тактилните квалитети на графиката со ликовни вредности. Дигиталниот медиум ми е цел да ги обедини овие елементи, нудејќи им на гледачите подруга перспектива на познатите наративи, премостувајќи го минатото и сегашноста и поканувајќи ги да ја истражат визуелната сложувалка – вели Томан.
Христијан Томан, во Струга, дипломирал на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, отсек графика со насока графички дизајн. Работел како едукатор за визуелни уметности и дизајн. Се занимава со графички дизајн, илустрација. Еден од основачите на здружението ИНКА. Работел како сценограф на СВП, и како продуцент на фестивалот. Од 2018 година работи како соработник за визуелни уметности во НУЦК „Браќа Миладиновци“ Струга.

Македонски



