Skip to main content

Вечерва во КСП Центар Јадро се отвора „Проткајување“ – самостојна изложба на колажи на Биљана Мицковиќ

Проткајување
Самостојна изложба на колажи на Биљана Мицковиќ

9 декември (вторник) | 20:00 часот
Изложбата може да се посети до 12 декември, секој работен ден од 10.00 до 15.00 часот

Изложбата „Проткајување“ преку техниката колаж го прикажува динамичното спојување на различни материјали, форми и текстури како асоцијација на секојдневните односи. Секое дело ја истражува деликатната меѓусебна врска помеѓу физичкото, емоционалното и психолошкото, вплеткувајќи ги во живописно значење и доживување. 

Биљана Мицковиќ е педагог и истражувач на визуелните и емотивните процеси, родена во Скопје, 1966 година. Дипломирала на Филозофскиот факултет на катедрата за педагогија при УКИМ и од тогаш активно се движи меѓу уметноста, образованието и експерименталните техники на изразување, каде преку нејзините дела ја истражува креативноста, перцепцијата и суптилната интеракција меѓу материјалот и умот.

Низ творештвото го претставува  односот меѓу материјалот, движењето, секојдневните односи и внатрешниот психолошки простор. Ја изразува гласноста на тишината во искажување на социјални и психолошки притисоци во свет на погрешно вкоренети системи.   

Го негува пристапот каде уметноста служи како простор за искажување, разбирање, вклопување и трансформација. Во тесната рамката во која е дозволено движењето се напластуваат слоеви на материјали и текстури и се обидуваат да ја пробијат таа стега. Различностите се вклопуваат токму тогаш кога ја задржуваат својата мекост, наспроти изразите на насилство, кои никогаш не функционираат.    

Во творбите е претставена играта на откривање –  избор, вклопување и преплетување на стандардни и нестандардни ликовни материјали во една визуелна целина како метафора на врските и релациите во секојдневието. Секој колаж го носи духот на слободното истражување, каде што случајноста и намерата се среќаваат, па создаваат нови значења и  ја будат енергијата.

„Проткајување“ ги отвара прашањата за тоа како материјалите комуницираат меѓу себе и како преку нив се гради сопствена приказна. Анри Матис  ја опишува таа смелост кога вели: „Креативноста бара храброст – храброст да му дозволиш на материјалот да ти одговори.“  Во делата на Мицковиќ, таа храброст е опиплива во секоја линија, текстура и форма, повикувајќи го гледачот да влезе во свет каде материјата, умот и емоцијата се сретнуваат.

Поврзани вести