Skip to main content

УГД ја започнува сезоната со европски проект во рамки на Алијансата на европски универзитети

Деновиве Филмската и Ликовната академија при Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип, остваруваат проект во рамки на Алијансата на европски универзитети ACE2EU, под наслов „Уметноста и кореографијата како алатка за социіална трансформација”. Во проектот се вклучени Филмската академија при УГД, Катедрата за современ танц, како и Ликовната академија, а партнери се Литванската академија за култура и Универзитетот „Франческо де Виториа“ од Шпанија. Проектот го водат професори од партнерските универзитети: Адријана Данчевска Ровчанин и Јана Јакимовска, Илисе Зирина и Џули Ан Марсден, а учествуваат повеќе студенти од Европа и земјава.

Проектот има за цел да поттикне трансмедијална соработка, општествена свест и колективен придонес во уметничкото изразување. Процесот ги користи кореографијата, визуелните уметности, јазикот и вербалното изразување, како моќни алатки за општествена трансформација, охрабрувајќи ги студентите да истражуваат и низ отелотворување на уметничките практики да се занимаваат со актуелни општествени прашања.

Студентите се запознаваат со вербалниот говор и гласовите, преку сведоштва и искуства на текстилните работници од КУЦ Текстил, кои потоа ги трансформираат во апстрактни уметнички сегменти – преку движење, сликање и говорење. Овој интердисциплинарен и колективен процес резултира со јавен перформанс/инсталација, преку кој се отвораат прашања поврзани со работничките права, но и со пошироки современи општествени предизвици.

Од институционална перспектива, ја гледам ACE2EU алијансата како можност за градење континуирана меѓународна. Нашите студенти, преку вакви проекти стануваат дел од една поширока европска академска и креативна средина, во која имаат можност да разменуваат знаења, искуства и различни уметнички перспективи. На овој начин, меѓународната соработка ја доживуваат како природен и составен дел од нивното образование. Во овој проект, студентите влегуваат во креативниот процес со различни перспективи, знаења и начини на размислување. Токму овие разлики стануваат материјал и основа за заедничко истражување, кое го користиме при создавањето во креативниот процес. УГД останува доследен на своите заложби да им овозможи на студентите европски процес на едукација, со што и ја започнуваме оваа сезона“ – вели деканката на Филмската академија, Адријана Данчевска Ровчанин.

Вечерва во рамки на проектот ќе се одржи презентација на креативниот процес под наслов „Отелотворени дијалози за размена“ во 20 часот на сцената „Фросина“ во Младинскиот културен центар.

Поврзани вести