
Петар Петров е роден и пораснат во Бугарија, но бидејќи се чувствува како Македонец, има и македонско државјанство. По добиена пресуда за издржување на 12,5 годишна затворска казна, тој по вторпат им бега на бугарските власти, кои по него распишуваат меѓународна потерница. По години бегство, тој оддеднаш се појавува на македонските национални телевизии и беседи, шета слободно низ Македонија, протестира пред бугарската амбасада сред Скопје.
Замислете ја оваа ситуација. Замислете ги реакциите на Бугарија. Земја аспирант за Европа, нивен партнер во НАТО, прв сосед за кој постојано го велат „братски“, не само што не го екстрадитира, туку не го ни апси овој осуден криминалец со меѓународна потерница.
Петар Петров не постои. Пребарував да не има некој таков, но бидејќи нема, мораше да е измислен, за кратко и јасно да се согледа апсурдноста околу личноста на неделата:
Симеон Михаилов

За оние кои не се упатени со случајот околу семејството Михаилови, ќе почнеме од почеток, од ќерката.
Ива Михаилова од Кочани е 23-годишна девојка на која ѝ се суди во Основниот суд во Кочани за сообраќајна несреќа со смртни последици што се случила во октомври 2025 година, во која загина 33-годишен маж. Обвинета е за „Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“, поради што како мерки на претпазливост одземени ѝ се и македонскиот и бугарскиот пасош и има забрана за напуштање на државата.
Јавноста првпат ја запозна откако објави дека судот не ѝ дозволува медицинското лекување да го продолжи во Бугарија, бидејќи во тешката сообраќајка се здоби со скршени пршлени и невролошки проблеми. Таа тврди дека сообрќајката не е нејзина вина, туку дека другото возило навлегло во нејзината лента, обидувајќи се да избегне полициска патрола и дека сега е жртва на судскиот систем.

Тргајќи од нејзиното сведоштво и од пресумпцијата на невиност, Михаилова прво ги доби симпатиите на јавноста…
…сè до моментот кога не одигра на малцинската карта. Судот одбива да ѝ ги врати пасошите, со образложение дека тие медицински услуги може да ги добие и во Македонија, но и поради страв од бегство (што откако ќе го запознаеме и таткото ќе ви е јасно и зошто).
Но, според Ива, Судот се инаети затоа што таа е – Бугарка.
Па, станаа „братските“ Бугари и се кренаа да ја бранат невината Ива, греотната нивна бугарска сестра, која клетите „северномакедонски цигани“ ја малтретираат оти била нивна, од најстариот народ на планетата ако не и постар од неа.
Прво реагираа од бугарското МНР и бараа Михаилова да добие пристап до „навремена и соодветна медицинска нега“. Бугарското МНР ја искористи судската одлука и за коментар за европскиот пат на Македонија дека „негативните констатации на Европската комисија за состојбата на судскиот систем во Cеверна Македонија не биле случајни“.
Премиерот на Бугарија Румен Радев им се заблагодари на бугарските европратеници кои ги информирале европските институции и јавноста за тој случај. Претседателка на Бугарија, пак, Илијана Јотова најави дека во средината на септември ќе има средба со генералниот секретар на Советот на Европа во Стразбур и едно од прашањата кои ќе ги постави е токму за случајот на Михаилова.
Па, се закренаа и бугарски пратеници и стигнаа во Кочани, да вршат притисоци врз македонските судови и обвинители, да ги покажат европските заби.

Ајде пак да се ставиме во ситуација македонски пратеници да изигруваат богови во Благоевград што ќе беше.
Мајката на Ива, Христина Михаилова, па, дури и сведочеше во бугарското Собрание. На 4 август беше официјално сослушана во Софија пред парламентарната Комисија за политика за Бугарите во странство.
И на крај на драмата доаѓа таткото – Симеон Михаилов. Тој се појавува сред Софија, пред македонската амбасада, каде, кој ако не, бугарската „Фондација Македонија“ организираше „граѓански протест“ за поддршка на „Бугарката од Кочани, Ива Михаилова“.
Таму Михаилов пред бугарските медиуми рече дека главната причина за односот на македонскиот суд кон неговата ќерка е тоа што таа се самоопределува како Бугарка. Тој јавно му се заблагодари на бугарскиот народ и на фондациите кои излегоа да дадат поддршка за случајот.
Кога, пак, македонските медиуми објавија дека Михаилов е всушност осуден криминалец кој се бара со меѓународна потерница, тој на интервјуа за тамошните телевизии обвини за дефокусирање на јавноста: тврди дека македонските власти и медиуми намерно го пренасочиле вниманието кон неговото минато и потерницата во моментот кога Обвинителството сфатило дека нема никакви доказни аргументи против Ива за сообраќајната несреќа.
Па, откако не се умори на бугарски да кажува дека Ива е невина, почна да зборува и за својата невиност. Тој тврди дека и случајот против него е наместен само да му го земат бизнисот – со казина.
За невиноста на Ива судот ќе продолжи да расправа на 28 септември.
За невиноста на татко ѝ, пак, нема што да се расправа. Тој е ПРАВОСИЛНО ОСУДЕН на 12 години и 6 месеци затвор, не затоа што се чувствува и плаче на бугарски, туку за кривични дела поврзани со кочанската криминална група „Детонатор“.
Од нив најтешкото дело е „обид за убиство“ конкретно за обид за ликвидација на Драганчо Стоименов, поранешен телохранител, во скопската населба Аеродром. Потоа за „злосторничко здружување“ и „насилство и изнуда“ – поточно за рекетирање и вршење физички притисок врз бизниси и поединци во регионот.
Тој првично избега за време на самата истражна постапка за случајот „Детонатор“. По распишана потерница, во 2013 година беше лоциран и уапсен во Италија, по што во август 2014 година италијанските власти го екстрадираа назад во Македонија каде што беше сместен во притвор.
Откако веќе бил вратен во Македонија и бил во притвор, судот донел одлука да го пушти да се брани од слобода на само неколку дена пред пресудата да стане конечна (правосилна). Само пет дена по пуштањето, Михаилов повторно успеал да побегне од земјата и оттогаш е во бегство во Бугарија, а меѓународната потерница по него сè уште е активна.

Наспроти драмата која Бугарија сосила ја турка, премиерот Христијан Мицкоски вчера кратко и достоинствено порача дека очекува соодветен одговор од нашите соседи.
Ние имаме потерница за тоа лице и очекувам нашите партнери да постапат соодветно на партнерството. Ние сме партнери со источниот сосед во рамките на НАТО. Очекуваме луѓето кои се бараат со потерница, кои направиле некакво кривично дело, да ги испорачааат, во духот на партнерството, за да се соочат со законот и со правдата – рече Мицкоски.
За разлика од нашиот премиер, ние некако немаме многу верба во Истокот.
А, на фамилија Михаилови само ќе им повториме една изрека од најголемиот македонски револуционер, оној за кој Бугарите тврдат дека е нивни:
Јас не познавам друг народ кој повеќе страдал од предавствата на своите синови – изроди како македонскиот.
А, еве колку навистина е нивни:

Македонски


