Skip to main content

За три дена пријавени над 130 угинати птици – кај три од нив потврдена западнонилска треска

Илустрација

Над 130 пријави за пронајдени угинати птици пристигнале до Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) во периодот од 24 до 27 август, а досега кај три птици е потврдено присуство на вирусот на западнонилска треска.

Од АХВ информираат дека вирусот е откриен кај два угинати гаврани пронајдени во Скопје и еден гавран пронајден во Ресен.

Иако бројот на пријави е голем, не сите птици можеле да бидат испитани. Од АХВ објаснуваат дека голем дел од пријавените птици биле во напредна фаза на распаѓање, поради што не биле погодни за земање примероци и лабораториско испитување.

Оттаму наведуваат дека Агенцијата продолжува да ја следи состојбата на теренот за да утврди каде и во колкав обем циркулира вирусот и да го процени ризикот од негово понатамошно ширење.

Надзорот ќе се спроведува низ целата држава и ќе опфати живина што се одгледува во дворови и селски стопанства, птици што се чуваат во оградени или затворени простори, како и водни птици во некомерцијални одгледувалишта.

Од АХВ посочуваат дека досегашното следење веќе потврдило дека вирусот циркулира меѓу птиците во Скопје.

Поврзани вести