
Денеска во Занаетчиски дом се одржа Свечена академија по повод 5 Мај – Ден на македонскиот литературен јазик. Свеченото одбележување на 80 години од кодификација на македонскиот јазик е во организација на Фондација за култура и спорт Куманово, под покровителство на градоначалник и Совет на општина Куманово.
На настанот со пригодна реч се обратија градоначалникот Димитриевски и претседателката Ѓорѓиевска, истакнувајќи дека остварените вековни стремежи на македонскиот народ ги зацврстија основите на нашата држава. Го акцентираа донесувањето на македонската азбука и правопис, како значаен чин за историјата на нашиот народ. Потенцирајќи ја важноста на македонскиот јазик, инсистираа да останеме посветени во негувањето и унапредувањето на јазикот, бидејќи тој го чува нашиот национален и културен идентитет.
Преку видео врска, во чест на Денот на македонскиот литературен јазик, се обратија проф. д-р Владимир Мартиновски (декан на Филолошки факултет “Блаже Конески”), проф. д-р Венко Андоновски (Филолошки факултет “Блаже Конески”) и проф. д-р Маја Јакимовска – Тошиќ (Институт за македонска литература).
Присутните гости проследија проекција на документарен филм на тема кодификација на македонскиот јазик. Во рамките на културно – уметничката програма ученици од општински основни и средни училишта и детскиот хор при УОМО “Панче Пешев” интерпретираа творби од значајни автори на македонската литература и познати музички нумери.
На свечениот настан присуствуваа членови на Совет на општина Куманово и претставници на општинска администрација.