![](https://republika.mk/wp-content/uploads/2025/02/20250214202535_big_730x400_72.webp)
Формирањето на џез оркестарот, е историски момент за Македонија како држава што во поново време доби институција која ќе придонесе за создавање на трајни вредности, и активно ќе учествува во развојот на домашното творештво не само на џез музиката, туку и за музиката во земјава воопшто, вели во интервју за МИА директорот на Националениот џез оркестар Гоце Стевковски.
Тој подвлекува дека тие се млада установа, но како оркестар се присутни веќе подолг период на сцената, поточно од 2016 година кога го формираат Здружението на џез музичари и слободни уметници – ЗЏМ. Еден од основните постулати на делување на Здружението во кое членуваат дел од најреномираните џез музичари од земјава, студенти и професори на џез академиите во Скопје и Штип, како и слободни уметници, посочува Стевковски, е токму поттикнувањето и негувањето на домашното, на сопственото џез творештво.
-Таа идеја е присутна уште во статусот на Здружението на џез музичари и слободни уметници, и голем дел од таа идеја е преточена и во новава национална установа, со оглед на тоа што конвертиравме од ЗЏМ во Национален џез оркестар, ги задржавме основните начела во нашето функционирање. Важно е да се има фокус на нашето творештво во континуитет, и да пробаме да создадеме традиција; би било добро секоја нова генерација да учи од претходната и да биде подобра. Важно е отворањето на Џез академијата во Штип, и Катедра за џез и популарна музика на Факултетот за музичка уметност во Скопје. Тоа е одлична можност за помладите да го усовршат нивното знаење за подоцна да придонесат во севкупниот развој на музиката. Со формирањето на Националната установа верувам дека младите кои ќе произлезат од овие институции ќе имаат простор каде да го насочат знаењето, да бидат дел од оркестарот и заедно да музицираат со нас, наведува Стевковски.
Потсетува на зачетоците на развојот на џез музиката во земјава од минатиот век – формирањето на диксиленд оркестрите по завршувањето на Втората светска војна, влијанието на Скопскиот фестивал, како и џез концертите на Оркестарот на Радио – телевизијата, кој згасна крајот на 90-те, почетокот на 2000 година, а сите оркестри, вели тој, беа едноставно распуштени.
-Оттогаш до денес се поминати безмалку 25 години. Иако, во меѓувреме имаше неколку обиди за враќање на оркестрите, тоа не се случи. Убавото е што една цела генерација, не знам дали ќе се повтори некогаш, врвни инструменталисти, композитори, аранжери, образувани надвор на џез академии, се дел од оваа успешна приказна и со заедничка работа успеавме невозможното да го направиме да биде возможно. Некако идејата, посветеноста, ентузијазмот, позитивната мисла …резултираше со формирање на џез оркестарот. Историски момент е за Македонија како држава што во поново време се формира ваков оркестар како институција која ќе придонесе за создавање на трајни вредности, како и нејзино активно учество во развојот не само на џез музиката, туку и за музиката во земјава воопшто, вели Стевковски во Интервју за МИА кое ќе биде објавено утре.
Националната установа Оркестар за џез музика на Република Македонија беше формирана со одлука на Владата од 21 март 2023 година. Од новата установа се очекува да создаде високо квалитетен македонски џез производ, којшто ќе постави нови критериуми и повисоки стандарди на македонската џез сцена и ќе стане препознатлив во земјава и надвор од неа, по својата уникатност.