
„Садако сака да живее“ во режија и драматизација на Тамара Кучиновиќ премиерно ќе биде прикажана во Театарот за деца и младинци – Скопје на 13 март, петок, во 19 часот. Претставата е работена според мотивите од истоимениот роман на Карл Брукнер и е наменета за публика над 11 години.
Претставата е инспирирана од вистинската приказна за Садако Сасаки – девојчето од Хирошима кое, по трагичните последици од атомската бомба, стана светски симбол на мирот, надежта и волјата за живот. Низ емотивна приказна, претставата го истражува сеќавањето на едно девојче кое, и покрај тешката судбина, до последниот момент верувало во животот, во љубовта и во надежта.

„Садако сака да живее“ не е претстава за смртта, туку за животот – за радоста, упорноста и човечката сила што се спротивставува на темнината. Инспирирана од вистински настани, претставата е посветена на сите деца настрадани во војни и претставува силно потсетување на значењето на мирот и човечката солидарност, вели тимот кој ја работеше претставата.
Режисерката Кучиновиќ на денешната прес-конфренција кажа дека во моментот кога се случуваат секакви нешта во светот, исклучително е важно да се занимаваме со теми кои на некој начин проговоруваат за воени ужаси.
Се одлучив за овој роман исклучиво од тие причини. Романот, всушност, е на некој начин и пресликување на животот на Садако Сасаки. Романот зборува за нејзиниот живот, последиците од зрачењето, односно гама-зраците и за нејзиниот крај. Но, претставата проговорува за тоа на поинаков начин, проговорува за нешто што е поважно, а тоа е нејзината желба за живот, нејзината борба против сето тоа и нејзиниот успех да пронајде среќа дури и во моментите кога тоа е речиси невозможно. Мислам дека ова е исклучително важна претстава бидејќи зборува во име на сите оние кои некогаш некаде страдале во која било војна. Не е важно која војна, не е важно од чија страна, туку првенствено од визурата на некое дете кое само сакало да живее“, рече Кучиновиќ..
Актерите и дел од екипата кои присустуваа на денешната прес-конфренција многу емотивно говореа за своите ликови, ја потенцираа соработката со режисерката и кажаа дека оваа претстава не е само младинска, за деца над 11 години, туку дека треба да дојдат да ја видат и возрасни.
Би сакала да дојде онаа постара генерација која направи светот да живее вака каков што е. Садако е само едно девојче, ама Садако може да бидат милион дечиња моментално во светот кои сакаат да живеат, ама, за жал, не можат“, рече Ласовска, која ја игра Садако.

Во претставата играат: Анастасија Ласовска, Никола Наковски, Ана Левајковиќ-Бошков, Катарина Илиевска-Силјановска, Изабела Новотни и Марија Ѓорѓијовска.
Креативниот тим го сочинуваат: Тамара Кучиновиќ (режија, драматизација и дизајн на светло), Давор Молнар (сценограф), Зденка Лацина-Питлик (костимограф), Кирил Василев (обликување и изработка на кукли), Ивана Ѓула и Лука Врбаниќ (музика), Драгана Лукан-Николоски (превод и драматург), Ѓуро Дракулоски (инспициент), Љубица Велкова (изработка на костими), Влатко Стефановски (мајстор на тон) и Мартин Митровски (мајстор на светло).

Македонски

