Skip to main content

Рецитал на чембалистката Цветанка Созовска во Камерната сала на Филхармонија

Чембалистката Цветанка Созовска, в четврток, со почеток во 20 часот ќе одржи соло рецитал во Камерната сала на Македонската филхармонија. На програмата се композиции од Јохан Себастијан Бах, Франсоа Купрен, Томислав Зографски, Волфганг А. Моцарт и Доменико Скарлати.

Цветанка Созовска е една од најистакнатите чембалистки во Македонија, која веќе подолго време живее и твори во Холандија. Своето музичко образование по пијано го започнува на само седумгодишна возраст. Во 1996 година дипломира во класата на рускиот пијанист и органист Борис Романов на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, со највисоки оценки (просечна оценка: 10). Во текот на периодот 1985–1996 година е избрана за Најдобар студент на Универзитетот. Понатамошната специјализација во областа на барокната музика ја води во Хаг, Холандија, каде ги заокружува додипломските и постдипломските студии по чембало во класата на холандскиот чембалист и пијанист Жак Ох на Кралскиот Конзерваториум. Како солист и камерен музичар на пијано и чембало, Цветанка има одржано концерти низ цела Европа и Јужна Кореја. Таа била член на ЕУБО – Барокниот Оркестар на Европската Унија во сезоната 2002–2003, соработувајќи со Фабио Бионди и Рајнхард Гебел. Во 2004 година учествува на Летниот фестивал Каза де Матеус во Португалија, настапувајќи заедно со врвни музичари како Жак Ох, Вилберт Хазелзет, Питер ван Хајхен, Паоло Пандолфо, Пол О’Дет, Жан Пол Фушекур и Марк Деструбе. Со ансамблот Барокопера Амстердам настапува низ Бретања, Франција и во Холандија. Во летото 2009 година предава чембало и басо континуо на Курсот за рана музика во Бургос, Шпанија.

Исто така, настапува со Оркеста де Кадакез во Шпанија под диригентската палка на Сер Невил Маринер. Под раководство на маестро Франс Брухен, од Оркестарот на 18-тиот век, Цветанка е корепетитор на оперската продукција „Les Indes Galantes“ во Полска и Холандија. Во последната фаза на подготовките таа раководи со пробите на басо континуо делниците, како и со генералната проба на целата продукција, на барање на маестро Брухен. Со танцовата компанија Лајне и Рубана соработува и во продукцијата „Срж“ во Холандија и Франција. Настапува и во дуо со холандскиот блокфлејтист Хеико тер Схегет во Чешка. Во последните години редовно настапува во различни камерни и оркестарски проекти во Исланд, како член на Меѓународниот Исландски Барокен Оркестар. Таа е дел од барокниот ансамбл „Театро ала Мода“, специјализиран за рана камерна музика, заедно со поранешни студенти на Кралскиот Конзерваториум кои сега се познати музичари: Лилија Славни (виолина), Бени Агаси (фагот и рекордер), Џошуа Читам (виола да гамба) и Диего Надра (обоа). Ансамблот настапува на фестивали во Франција, Португалија и Исланд, а во 2021 година гостува и во официјалната програма на „Охридско лето“ во Македонија.

Заедно со повеќе реномирани холандски чембалисти, Цветанка учествува во ЦД проектот „Холандска чембалска школа“, кој е омаж на врвниот и светски признат холандски чембалист Густав Леонхард. Моментално живее и работи во Хаг, Холандија, како изведувач, професор по пијано и чембало и хорски диригент. Таа е корепетитор на Катедрата за рана музика на Конзерваториумот во Утрехт (2006–2016), предава чембало во музичкото училиште ДУМС во Утрехт, каде е и координатор на програмата за млади таленти „Трајектум“. Повеќе од 20 години предава пијано во регионот на Хаг, има ученици од различни возрасти и нивоа, вклучително во Британското и Меѓународното училиште во Хаг. Како хорски диригент, работи со повеќе хорови со различни музички интереси и афинитети.

Поврзани вести