Skip to main content

Разговор со поетесата Биљана Стојановска во Градската библиотека во Скопје

Во вторник, 6 мај во 19 часот во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ – Скопје ќе се одржи разговор со поетесата Биљана Стојановска, чија стихозбирка „Додека спиеш“ е книга на месецот.

Разговорот со Стојановска е дел од големата кампања „Читаме современи македонски автори“. Модератор ќе биде книжевната критичарка Александра Јуруковска, а стихови ќе чита актерот Андреј Серафимовски.

Стојановска умее со природноста на Господинов, да напише стихови за празнење на цревата и тоа да биде поетично. Умее во песните да даде неочекуван пресврт или ефект на изненадување, но умее и од реалност незабележливо да нѐ внесе во бајка и да нѐ воодушеви со магичниот реализам. Да ни раскаже приказна за камионот со сладолед и за вкусовите на летото среде зима, но и да нѐ тресне од сивиот бетон и да нѐ врати во реалноста на болничките соби каде што луѓето се обидуваат да си го вратат достоинството и да си ја задржат главата на рамена“, вели Снежана Стојчевска во рецензијата за книгата.

Биљана Стојановска е родена 1984 година. Има дипломирано на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, на отсекот за македонска книжевност и јужнословенски книжевности. Во 2015 година ја објави нејзината прва збирка поезија „Зборовите немаат значење“ во издание на „Антолог“. Добитник е на книжевната награда „Тодор Чаловски“ за 2017 година за книгата „Стан што се распаѓа“ (2018, „Галикул“). „Стан што се распаѓа“, како и „Додека спиеш“ беa во најтесна конкуренција за наградата „Браќа Миладиновци“ што ја доделуваат „Струшките вечери на поезија“. „Потрага по храброст“ е нејзината четврта книга, којашто е книга за деца, со илустрации на уметникот Владимир Лукаш, во издание на „Чудна шума“ (2024). Нејзината поезија е преведена на англиски, германски, кинески, српски, полски, словенечки јазик, а застапена е и во повеќе македонски списанија за литература и антологии. Стојановска работи како новинар.

Со „Додека спиеш“ (издание на „Чудна шума“) се заокружува третиот циклус од кампањата „Читаме современи македонски автори“ во чии рамки беа претставени 24 книги од исто толку автори. Кампањата започна во септември 2022 и се одвиваше во циклуси од по осум месеци со исто толку автори и дела. Во 2024 година Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ за оваа кампања ја доби наградата Промотор на читачката култура што ја доделува Македонската асоцијација на издавачи.

Поврзани вести