
Со цела недела претстави и гостувања на театарски ансамбли од земјава, Народниот театар „Војдан Чернодрински“ – Прилеп ќе одбележи 75 години постоење и театарска уметност. Театарот ја почнал својата работа на 18 февруари 1950 година со првата претстава, „Кир Јања“, и до денес го бележи големиот развој на театарската уметност и на продукцијата на врвни театарски претстави и актерски и режисерски имиња во македонската уметност на „штиците што живот значат“.
Програмата за одбележување на јубилејот е обемна и ќе се реализира од 17 до 23 февруари. Манифестацијата е насловена „Недела на театарот“ во која ќе бидат прикажани седум претстави и ќе се одржи панел дискусија „Од Кир Јања„ до „Ученикот“. Освен претставите „Ученикот“ и „Бура“ од театарот „Војдан Чернодрински“ прилепската публика ќе ги проследи гостувањата на Театарот за деца и младинси ( „Роња.. ), театарот „Златен елец“( „Хинкеман“), Велешкиот театар („Вечера за глупаци“), БТ од Битола („Кокошка“) и на МТЗ („Чернодрински се враќа дома“).
Денеска, в понеденик на 17 февруари во 12 часот ќе се одигра претставата на Театарот за деца и младинци „Роња…“, а во 20 часот гостува Театарот „Златен Елец“ со „Хинкеман“.
Прилепскиот театар е формиран и работи од и со љубов кон театарската уметност. Седумдесет и пет години е голем јубилеј кој ја заслужува сета почит и спрема уметноста и спрема сите што биле и се дел од ансамблот. Прославата на јубилејот е со обемна програма од 17 па до 23 февруари и со гостувања на ансамблите од земјава. Ќе ја покренеме и дискусијата за театарската уметност, рече Михајло Миленкоски, раководител на Прилепскиот театар, кој од 2004 година функционира во склоп на Центарот за култура „Марко Цепенков“.
Во 75-те години се одиграни над 7000 претстави со преку 360 премиери кои ги виделе 1,7 милион гледачи. Но, ансамблот се соочува со мал број вработени.
Ансамблот сега, за жал, брои 11 вработени. Се надевам дека наскоро ќе се зголеми бројноста со вработување, пред сѐ, на млади актери и театарски работници. Ние како ансамбл ќе им дадеме шанса на младите актери, рече Миленкоски.
Изградбата на нов театар е во програмата на Министерството за култура и туризам од 2025 до 2035 година.
Прилепскиот ансамбл има големи остварувања на домашната и на меѓународната сцена. На МТФ „Војдан Чернодрински“ има освоено 15 награди за најдобри претстави, има награди на меѓународна сцена во повеќе настапи, а меѓу најголемите се наградите на „Експонто“ во Љубљана и трите награди, меѓу кои за најдобра претстава во Средна Европа, на меѓународниот театарски фестивал „МЕСС“ во Сараево – со претставата „Тапани во ноќта“.
Најгледани и најодиграни претстави се „Солунски патрдии“ и „Од кол на кол“ од Коле Ангеловски со преку 100 одиграни претстави.