
Во рамки на OFF-програмата на „YES ФЕСТИВАЛ“, во организација на издавачката куќа „Чудна шума“, денеска, на 30 мај, со почеток во 20 часот, во кафе-книжарницата „Буква“ ќе се одржи промоција на хаику поетската збирка „Шах-мат“ на Теа К. и Гето Руди. Промотор на книгата ќе биде Владимир Јанковски.
Промоцијата ќе се одржи во рамки на OFF-програмата на „YES ФЕСТИВАЛ“ – новитет кој годинава го воведува „Чудна шума“ – книжевни вечери и за младата (над 18 години) и возрасна читателска публика.
„Шах-мат“ е книга со две корици што се чита од двете страни: едната со хаику-поезија на Теа К., а другата со хаику-поезија на Гето Руди.
„Шах-мат“ претставува дел од трилогиски книжевен проект што опфаќа три заеднички поетски книги на двајца автори кои творат хаику-поезија под псевдоним (Гето Руди и Теа К.). Замислен е така што трите заеднички книги содржат по 80-тина хаику-песни по автор, што вклучуваат и по една песна од авторите поврзана со темата шах. Првата поетска книга, издадена во 2011 година („Магор“), е со наслов „Партија шах“, а втората, издадена во 2018 година („Арс Ламина“), е насловена „Реми“. Поврзаноста меѓу шахот и хаику-поезијата лежи во нивната заедничка потреба за ментална дисциплина, остар ум, прецизност и креативност. Со „Шах-мат“, како трета и последна поетска книга, се заокружува овој трилогиски книжевен проект.
Хаику-песните што се дел од „Шах-мат“ се инспирирани од секојдневието и од т.н. мали нешта што го чинат животот. На тој начин, авторите го доловуваат моментот, во којшто, пак, е содржана цела вечност, цел еден микросвет. Некои од песните се проткаени со љубовни чувства, а други со духовитост и со доза на иронија. Доживувањата претставени преку овие хаику-песни се непосредни, едноставни, сликовити и понекогаш бараат соучество од читателот – интуитивно и емотивно. Преку песните, авторите претставуваат навидум банални секојдневни нешта, што всушност значат сè.
Авторите на поетската книга „Шах-мат“ низ стиховите нè водат спонтано, слободно, но и нè замислуваат и нè соочуваат со светот и со себеси. Од нивните стихови се дел и филозофски прашања и интимни љубовни чувства, интересни доживувања, патешествија; природата и она што нè опкружува; елементи од литературата, културата и уметноста; градот Скопје и други европски градови; искуства од животот за време на пандемијата со КОВИД-19; духовити случки…
Иако формално ја следат структурата „пет-седум-пет“ на хаику-поезијата, како и темите што подразбираат природа и секојдневни „фатени“ моменти, сепак авторите малку се одвојуваат од традиционалниот стил на хаику-поезијата, ставајќи и свој печат, па можеме да забележиме и хаику-песни со наслови или, пак, онакви каде што е присутна рима, а и поширок опсег на теми.
Преку своите песни, авторите „заробуваат“ моменти и емоции во кратка, но моќна форма, која овозможува не само рамка за изразување туку и простор за креативна слобода. Комбинацијата на два различни стила во оваа книга создава интригантна динамика и додава на длабочината на делото.
Промоцијата е замислена како несекојдневен настан на кој авторите ќе „заиграат“ хаику шах, односно секој од нив ќе има „потег“ во кој ќе прочита една песна.