Skip to main content

Промоција на книгите „И“ од Кристина Краличин и „73 дена“ од Иво Митев-Жиле за почеток на „Денови на литературата“

Со промоција на книгите „И“ од Кристина Краличин и „73 дена“ од Иво Митев-Жиле денеска почнува петтото издание на „Денови на литературата“, што ќе се одржува од 7 до 23 февруари во сите книжарници на „Литература.мк“. Во рамките на продажната акција ќе бидат понудени попусти на книги до 70%, грепки со подароци, книжевни промоции, интерактивна програма за деца и за фанови инспирирана од Хари Потер, Покемон и Исидора Мун, како и дружби со Биби и Боби и Стела и Сани.

Програмата со настани ќе почне вечерва (7 февруари), во 19 часот, во „Литература.мк“ со промоција на книгите „И“ од Кристина Краличин и „73 дена“ од Иво Митев-Жиле. Двете книги, кои влегоа во потесниот избор за наградата „Пегаз“ за 2024 година, се во издание на „Арс Ламина“. „И“ е четврти роман на Кристина Краличин, базиран на вистинска приказна со реални настани и случувања, со ликови именувани со вистински имиња. Лична семејна сага со автентични описи на македонските обичаи, традиции, адети, изгледот на македонското село Теово, атарот на селото и областа Азот. „И“ е наслов со широко симболично и асоцијативно значење. И е сврзник кој асоцира на континуитет и на бескрај, и е и честичка за нагласување, и е и иницијал од името на главниот лик – Ицана, прабабата на авторката и нараторката, и е и трага на минатото издлабено во кората на седумстолетниот јавор на сегашноста…

„73 дена“ е првиот роман на раскажувачот и драмски автор Иво Митев-Жиле. Граден на една мошне чувствителна лична предлошка – дневникот на својот татко, романот ни го претставува, автентично и во прво лице, патувањето на бродот „Галеб“ на Јосип Броз Тито во 1961 година, кое траело 73 дена и е познато во историјата како Патот на мирот. За време на патувањето таткото водел дневник којшто е искористен како еден вид калап, рамка, порта за книжевен влез во автентичниот допис на нараторот, синот на главниот лик.

Утре (8 февруари, сабота), во 12 часот, во „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“, децата ќе другаруваат со Стела и Сани. В недела во „Литература.мк“ во „Сити мол“, во 12 часот ќе се одржи работилница за деца со Биби и Боби. Во истиот термин, во „Литература.мк“ во „Ист гејт“ ќе се одржи настан за деца и родители – натпревар во местење сложувалки и коцките „Плус плус“.

Поврзани вести