Skip to main content

Промоција на книгата „Поетики на современата европска драма и театар“ од Деспина Ангеловска во Францускиот институт во Скопје

На 28 октомври од 19 часот, во Францускиот институт во Скопје ќе биде промовирана книгата „Поетики на современата европска драма и театар“ од Деспина Ангеловска, театролог и професор на Факултетот за драмски уметности (ФДУ) во Скопје.

Издавач на книгата е „Темплум“, а ќе ја промовираат Бесфорт Идризи, декан на ФДУ, Лада Стевановиќ, научна советничка на Етнографскиот институт во Белград и писателот Гоце Смилевски.

Поетики на современата европска драма и театар на еминентната теоретичарка и универзитетска професорка Деспина Ангеловска е резултат на нејзиното длабоко ерудитивно и суштинско проучување на театарската уметност, кое го изразува на три јазика: француски, македонски и англиски, а воедно ги потврдува очекувањата кои произлегоа од нејзиното претходно дело, Драматургија на децентрирањето: Бернар-Мари Колтес, патување кон рабовите. Со својата нова книга, преку синтеза на особеностите на опусите на внимателно избрани автори и анализа на нивни конкретни пиеси, Ангеловска ни овозможува есенцијален увид во трансформативните текови на драмските и театарски поетики во едно полустолетие, кое опфаќа нешто повеќе од една четвртина од крајот на дваесеттиот и нешто помалку од една четвртина од почетокот на дваесет и првиот век. Во таа еволуција на поетиката на театарот во изминативе педесетина години, како што ни покажува Ангеловска, свој поттик даваат и главните општествени феномени на времето на кризи, константни промени и преломи: тапењето на комунистичката идеологија и острењето на сечилото на либералниот капитализам, ситнењето на Источниот блок, падот на Берлинскиот ѕид, војните во поранешна Југославија, транзицијата, миграциите, глобализацијата, дигиталните технологии… Притоа, преку својата анализа Ангеловска утврдува дека тие општествени ломења не го кршат духот на овие творци кои се основни двигатели на трансформативните процеси во театарската уметност, па тие го осмислуваат театарот како сфера на ангажиран уметнички отпор не откажувајќи се од своите утописки уверувања и идеали, дури и кога се соочени со своите најмрачни претпоставки и насетувања за колективната иднина, пишува во поговорот Смилевски.

Поврзани вести