
Пред вечерашната изведба на „Госпоѓа Бовари“, Македонската опера и балет се најде среде скандал и со најави за судска разрешница.
Се започнало на пробата со конфликт на првата обоистка, Татијана Петрушевска од Македонската опера и балет со диригентот гостин по што, како што таа изјави денеска на прес конференција добила суспензија. Петрушевска обвини дека била незаконски суспендирана, дека ѝ бил забранет влез во матичната куќа додека трае дисциплинската постапка против неа и дека платата ѝ е намалена на 50 отсто. Наведе дека суспензијата ѝ била врачена веднаш по настанот (пробата на 16 јануари 2026 за балетот „Госпоѓа Бовари“), кога, според нејзиниот исказ, била цел на диригентот гостин, Едуард Амбарцумјан.

Диригентот гостин, Амбарцумјан, ме обвини пред оркестарот дека не свирам во темпо, како свесно да сакаше да влезе во конфликт конкретно со мене, а јас како да бев однапред зацртана цел. Јас му одговорив дека тоа не е точно и дека „свирам онака како што тој диригира“. Потоа ме повика да ја напуштам просторијата, а јас побарав објаснување зошто да го направам тоа и дали го прекршив работниот процес, кажа Петрушевска.
Синдикатот на културата, кој вчера ја објави веста, повика на заштита од министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, а Петрушевска денеска во својата изјава побара помош и од Премиерот Христијан Мицкоски.
Во образложението пишува дека има изјава од колега, на ист ранг со мене, и од диригентот, дека јас со своето арогантно однесување создавам нездрава атмосфера за работа. Ако жолчно дебатираме за некоја тема за време на создавање на едно уметничко дело, дали тоа значи ароганција? Дали јас како уметник немам право да гестикулирам и да си го кажам своето мислење во еден одреден момент и да седнам и да продолжам да свирам? Ете тоа беше образложението. Врз основа на изјава на двајца луѓе јас добивам суспензија за којашто сметам дека апсолутно не е законски издржана. А тоа ќе си го каже и адвокатот. Тоа е повреда на постапката, директорот сам не може да одлучи за такво нешто. Овие негови одлуки се надвор од сите ингеренции на директорот и уште еднаш го докажа неговиот насилнички однос и потребата од покажување надмоќ, изјави Петрушевска.
Се обративме до Министерството за култура од каде велат дека Министерството за култура и туризам нема, ниту може да има улога на суд, обвинител или арбитер кој пресудува врз основа на јавни наративи, синдикални соопштенија или медиумски квалификации.

Во културниот систем постојат јасно утврдени институционални хиерархии, менаџерски одговорности и законски процедури, и тие не можат да бидат суспендирани ниту заменети со јавен притисок, без разлика од каде доаѓа.
Министерството за култура и туризам нема да дозволи, под никакви околности, преку неаргументирани обвинувања, јавни притисоци или запалива реторика, да се нарушува угледот и кредибилитетот на ниту една културна институција.
Секоја национална установа во културата, вклучително и Македонската опера и балет, има сопствено раководство кое е одговорно за организацијата на работниот процес, за дисциплинските постапки и за почитување на Законот за култура, Колективниот договор и другите релевантни прописи. Министерството ја има надзорната и политичката одговорност да обезбеди системот да функционира законито, но не и да интервенира како инстанца што пресудува поединечни случаи надвор од утврдените процедури.
Во конкретниот случај поврзан со Татијана Петрушевска, станува збор за дисциплинска постапка која е водена од страна на надлежното раководство на институцијата, врз основа на интерни извештаи и правила. Министерството ќе го следи исходот исклучиво од аспект на законитост и процедурална исправност, но нема да прејудицира вина ниту да преземе улога што не му припаѓа.
Во однос на директорот на Националната опера и балет, Оливер Арсовски, Министерството не прифаќа тешки обвинувања како „самоволие“, „злоупотреба на функцијата“ или „институционален скандал“ без факти, документи и докази. Директорот е именуван во согласност со законска постапка и врз основа на професионални критериуми. Одржувањето на работната дисциплина, особено во уметнички колектив како оркестар или ансамбл, е дел од неговата законска и менаџерска одговорност.
Министерството јасно укажува дека не поддржува психолошки притисоци, страв или малтретирање на вработените. Истовремено, укажува дека јавната квалификација на сложени институционални процеси со запалива реторика, без завршени постапки и без утврдени факти, не придонесува за решавање на проблемите, туку ги ескалира, и ја нарушува довербата во институциите.
СКРМ има легитимна, значајна и почитувана улога во заштитата на колективните интереси на вработените во културата. Но Синдикатот не е суд, не е обвинителство и не може да се поставува како единствен арбитер што ја наметнува сопствената интерпретација како апсолутна вистина, игнорирајќи ги официјалните документи, процедурите и одговорностите на менаџментот.
Кога во јавноста се користат формулации како „институционален скандал“, „притисоци и страв“ и „злоупотреба на функцијата“, тие мора да бидат поткрепени со јасни факти и докази. Во спротивно, таквиот пристап не решава проблеми, туку ја оштетува институционалната стабилност и го загрозува угледот на културниот сектор во целина.
Министерството за култура и туризам ќе продолжи да ги штити законитоста, институционалниот поредок и правата на сите вработени, но исклучиво во рамките на своите надлежности. Единствениот одржлив пат напред е почитување на законите, процедурите и институциите, велат од Министерството за култура.
Со реакција денеска и од Македонската опера и балет, каде што го отфрлаат обвинувањето, посочувајќи дека реагирале соодветно. Директорот на МОБ, Оливер Арсовски на денешната прес конференција подвлече дека редот, дисциплината и уметничките стандарди се основа на функционирањето на институцијата.

Како најголема културна институција во државата, со над 500 вработени, Националната опера и балет мора да функционира врз основа на јасна хиерархија, прецизна поделба на одговорностите и доследно почитување на работната етика и дисциплина. Во оркестарот, точно се утврдени улогите, принцип што е суштински за функционирањето на единствената оперска куќа во државата.
Секое отстапување од овој систем директно влијае врз работата на целата институција. Улогата на управата не е да зазема страни, туку да обезбеди ред, дисциплина и зачувување на уметничките стандарди. Во таа смисла, како директор на институцијата, нема да дозволам нарушување на работните процеси, ниту непочитување на редот, дисциплината и хиерархијата во оркестарот, каде диригентот претставува водечки авторитет.
Нема да дозволам лични нетрпеливости на поединци да се манифестираат преку непочитување кон колегите и кон странските соработници, со кои со години заеднички работиме на квалитетни продукции за нашата публика.
Институцијата и понатаму ќе постапува согласно своите правилници и во законската рамка, со единствена цел – заштита на колективот, публиката и интегритетот на оперската и балетската уметност. Апелирам Синдикатот на културата да не подлегнува на влијанија од поединци кои ја злоупотребуваат неговата улога, туку да продолжи да се залага за правата на колективот и достоинството на институциите.
Наводите изнесени од вработената Татијана Петрушевска, во врска со дисциплинската постапка поведена против неа, се невистинити и паушални и со нив се нанесува штета на угледот на установата, создавајќи искривена слика во јавноста.
Во оваа изјава нема да изнесувам факти, имајќи предвид дека е во тек дисциплинска постапка за дисциплински престап. Сепак, важно е да се нагласи дека постојат изјави од вработени, како и изјава од диригентот на претставата, врз основа на кои е донесен предлог за покренување дисциплинска постапка и решение за суспензија, согласно одредбите од Законот за култура. Во однос на тврдењата дека против неа не биле водени постапки, истакнувам дека тоа не е точно, бидејќи во повеќе наврати вработени од оркестарот побарале заштита од нејзиното однесување, рече Арсовски.
На денешната прес конференција во Македонската опера и балет присуствуваа и членови на оркестарот кои дадоа поддршка на процесите кои се започнати во институцијата и беше презентиран нивниот став во однос на новонастанатата ситуација која директно ги засегнува членовите на оркестарот.

Ќе биде нескромно ако кажеме дека колешката Петрушевска е можеби најдобриот обоист кој работи во Македонија и квалитетот на нејзиното свирење е неспорен. Се работи за член на оркестарот со повеќе од 30 годишно искуство и неоспорен квалитет во музицирање. Меѓутоа, ние како колектив мора да функционираме како колеги кои пред се мора да се почитуваме и да да функционираме заедно, да не речам дишеме заедно. Е овде доаѓа проблемот.
Реагирано е во повеќе наврати од повеќе колеги од оркестарот, од неколку странски диригенти за односот на колешката за време на траење на пробите, па дури и на претстави, меѓутоа заради “мир во куќа” овие проблеми со години беа ставани под тепих.
Исто така мора да се спомене дека диригентот Амбарцумјан е гостин во нашата куќа од 2006 година со диригирани повеќе од 40 претстави и доколку навистина станува збор за човек кој навредува и омаловажува, неговото доаѓање досега ќе беше санкционирано од страна на дирекцијата или оркестарот.
Имало случаи кога оркестарот остро реагирал на гостувања на странски диригенти кои покажале лош однос кон членови од оркестарот. Можеме да наброиме неколку гостувања на диригенти кои биле санкционирани од страна на оркестарот со поддршка на дирекцијата.
За жал еднострано се искористи целата ситуација, и без никаква консултација со сите членови на оркестарот беше објавен текстот на фејсбук профилот од СКРМ, заедно со целата документација од постапката пред воопшто да почне правната постапка.
Ние како членови на оркестарот на МОБ и членови на синдикатот на СКРМ даваме поддршка за завршување на целата правна постапка што е веќе започната, велат членовите на оркестарот.
На денешната прес конференција беше соопштено дека претседателот на Синдикатот на Оркестарот, Огнен Анастасовски си поднел оставка и не сака да биде дел од случувањата, а комисија во Македонската опера и балет (МОБ) на дисциплинска постапка ќе ги утврдува околностите и ќе донесе одлука за обоистката во оркестарот Татијана Петрушевска.

Македонски




