Во понеделник, на 16 декември 2024 година, во малата сала на НУЦК Трајко Прокопиев во Куманово, ќе може да уживате во поетско музичка вечер со концерт на уметникот Сашко Костов и учениците од кумановските училишта, по повод 116 годиnи од раѓањето на Коста Солев Рацин.
Сашко Костов е роден во Велес, завршува Џез академија – Тапани и афрички перкусии во класата на Алек Секуловски и Илија Пеовски. Мулти-инструменталист кој води до кулминација на инспирацијата – музика која е тесно врзана за неговите влијанија и потекло. Со првото слушање, и покрај сложеноста на неговите композиции, тие допираат до публиката и не ја оставаат рамнодушна.
Работејќи на музичката сцена од 1995-та година, Сашко наоѓа место во индустријата, за фокусирање на неговата соло кариера, а воедно и компонирањето на музика за театарски претстави и филм стана негова пасија. Костов твори интригантен звук и во исто време останува верен на сопствените творечки стремежи.
Посветен на својот занает и полн со еклектични идеи, овој уметник знае како се користи поетскиот стих за да ги разубави своите музички тонови и ритмови. Вокалите се неговото најмоќно оружје.
Покрај работата во театар, филм и сопствена авторска музика, тој е близок соработник со Горан Трајкоски, Мугер Фугер, Ласт Експедишн, Electric Audrey група која е формирана во Турција, заедно со браќата Гокцел и Гоксен Ергене.