
На 19-ти декември, Македонскиот културно-информативен центар во Софија ја организираше завршната културна вечер за 2025 година – „Сценско-музичка интерпретација на народна и антологиска македонска поезија“, настан кој ја потврди живата сила и духовната длабочина на македонската култура.
На настанот присуствуваше и македонската амбасадорка г-ѓа Агнеза Руси – Поповска, која позитивно се осврна на културната година во Македонскиот КИЦ во Софија. Таа ја истакна разновидноста и значењето на реализираните настани, кои оставија траен белег на публиката и ја афирмираа културната видливост не само на македонската заедница во Софија, туку и на македонскиот идентитет, историја, традиција, наука и на Македонците на секаде во светот.

Настанот беше посебно дизајниран да ја оживее македонската поезија како скапоцена духовна вертикала. Под водство на актерот и режисер Васил Михаил и музичарот и гитарист Слободан Боби Ѓошиќ, стихови од богатата и вечна македонска творечка народна ризница, како и стихови од големите македонски автори, великани на поезијата, меѓу кои првописателот Свети Климент Охридски, како и творците: Григор Прличев, Константин Миладинов, Никола Вапцаров, Кочо Рацин, Славко Јаневски, Ацо Шопов, Ацо Караманов, Блаже Конески, Петре М. Андреевски, Гане Тодоровски и Радован Павловски, моќно одекнаа сред срцето на Софија и оживеаа пред публиката, пренесувајќи ја нивната духовна сила и континуитет на македонското книжевно наследство.
Публиката во Софија ја следеше програмата со восхитеност, големо внимание, носталгија и видно задоволство. Присутните не само што уживаа во богатството на македонската литература и музика, туку ја почувствуваа длабоката врска со македонскиот идентитет и традиција, што создаде чувство на заедништво и гордост. На вечерта беше потенцирано дека Македонија има свои посебности и свој јасен македонски идентитет, кој се афирмира и живее преку вакви културни настани.

Овој завршен настан ја круниса успешната 2025 година за Македонскиот КИЦ во Софија, која се покажа како жив и видлив центар на македонската култура, место-извор каде поезијата, музиката и традицијата се спојуваат и оживуваат пред публиката, будејќи го македонскиот дух. Настанот го потврди значењето на Македонскиот културен центар во Софија како институција која ги афирмира и брани македонските културни вредности и духовната самобитност на македонската заедница во Бугарија и на Македонците насекаде во светот.
Со оваа вечер, Македонскиот КИЦ не само што успешно ја круниса успешната година, туку и испрати силни пораки дека македонската култура е жива, видлива и инспиративна, а публиката во Софија веќе со нетрпение очекува продолжување на ваквата разновидна и силна активност и програма со визија за вредностите на македонската култура и во 2026 година, вели директорот на Македонскиот КИЦ во Софија, Зоран Пејковски.


Македонски






