
На покана на Институтот за Балканистика при БАН, директорот на Македонскиот културно-информативен центар во Софија, проф. д-р Зоран Пејковски, одржа предавање посветено на двајца големи книжевни столбови на Балканот, нобеловецот Иво Андриќ и македонскиот великан Петре М. Андреевски. Преку нивните дела, проф. Пејковски отвори важни прашања за историската траума, човечката судбина и литературата како огледало на духовните движења на еден народ.
Проф. Пејковски истакна дека делото на Андриќ одамна ги надминало границите на регионалната книжевност и дека неговата литература денес е универзален говор на мудроста, страдањето и човечката издржливост. Прозата на Андриќ не е само запис на минатото, таа претставува светилник што ги открива длабочините на човековата душа, преку Балканот сфатен како духовна топографија, како место на вековни судири, но и на тивка, акумулирана мудрост.
Андриќ, како што нагласи проф. Пејковски, има исклучителна способност да ја претвори тишината во мисла, а болката во метафора. Неговите симболи: мостовите, реките, калдрмите, камените куќи, не се обични детали од пејзаж, туку живи хроничари на историјата. Тие се сведоци на вековите кои поминале, но и на мали космоси во кои се врежани и заборавот, и споменот.
Историјата кај Андриќ е сила што човекот го моделира, но и го предизвикува да се издигне над неа, таа е непопустлива, но и поучна. Затоа неговата проза, и кога е наједноставна, таа носи тежина на тежок свод што го држи вековното искуство на еден регион. Човекот кај него е секогаш вплетен во сложени слоеви на култури, религии, традиции и наследени стравови. Секој лик кај Андриќ е мала цивилизација, а секоја судбина е минијатурен космос. Проф. Пејковски потсети и на познатата мисла на Андриќ: „Заборавот лекува сè, а песната е најубав начин на заборав, бидејќи во песна се сеќава човек само на она што го љуби.“
Во вториот дел од предавањето, проф. Пејковски се задржа подетално на делото на Петре М. Андреевски, претставувајќи го како автор кој создава духовен космос на македонскиот човек. Додека Балканот кај Андриќ е голема сцена на историјата, кај Андреевски Македонија е интимен, но истовремено и космички простор, во кој човекот опстојува меѓу стихиите на природата, митот, историјата и сопствената болка.
Проф. Пејковски ја нагласи особената сила на Андреевски да го преобрази народното искуство во висока литература. Неговата поетика, и во стиховите, и во прозата, е згусната, елементарна, искренa како родната почва што го обликува. Човекот кај Андреевски секогаш стои на вертикала, длабоко вкоренет во својата земја, но духовно издигнат кон небесното. Неговата судбина се движи меѓу митот и историјата, а неговиот дух останува непокорен и непоколеблив.
Особено внимание проф. Пејковски посвети на романот „Пиреј“, што го нарече „епска минијатура на македонското страдање и отпорност“. Во „Пиреј“, индивидуалната судбина станува колективна, а личната болка станува историја на целиот народ. Тоа е книга во која земјата дише, во која страдањето се претвора во етичка вертикала, а љубовта, во конечна смисла на човечкото опстојување.
Андреевски, како што истакна проф. Пејковски, го прикажува човекот како духовно битие што се бори со стихиите и времето, но истовремено и како непокорна личност што секогаш се враќа на својот корен. Неговите дела ја покажуваат трајната врска помеѓу човекот и земјата, помеѓу зборот и тишината, помеѓу болката и надежта.
Проф. Пејковски истакна дека иако Андриќ и Андреевски потекнуваат од различни културни и книжевни матрици, нив ги поврзува истата суштинска загриженост: како човекот ја носи историјата во себе и како, преку болка и љубов, успева да опстои.
Андриќ е аналитичар на балканската историја, хроничар на империите и човековата позиција под товарот на големите сили, а Андреевски е великан на македонскиот дух, поет на македонската духовна вертикала, творец кој ја издигнува моралната и духовната издржливост на својот народ, кој ја возвеличува македонската судбина до височини на вечност.
Едниот ја создава композицијата на колективната судбина преку симбол, архитектура и реченица што тивко тежи, а другиот, преку земја, корен и збор што ја разгорува вистината за страдањето и отпорноста на македонскиот човек, а преку него и на балканскиот човек.
Едниот ја гледа историјата од мостот, другиот, од коренот. Но и двајцата поставуваат исти прашања за смислата на страдањето, за упорноста на човечкиот дух и за литературата како дом во кој човекот ја претвора болката во мудрост.
Во завршните моменти од своето предавање, проф. д-р Зоран Пејковски истакна дека делата на Андриќ и Андреевски не се само книжевни врвови, туку морални и духовни патокази. Тие нè учат дека историјата не е само товар, туку и лекција, дека траумата може да стане мудрост, и дека човекот, со сето свое страдање, сепак е личност што гради, мост, песна, дом, иднина.
Низ зборовите на овие автори, нагласи Пејковски, Балканот оживува како човечка драма, духовна вертикала, вечна потрага по смисла. И денес нивните дела зборуваат, длабоко, моќно, со глас што одѕвонува, токму таму каде што човекот ја бара вистината за себе.

Македонски








