Skip to main content

„Патот на Баба Јага“ во Театарот за деца и младинци е претстава за доследноста

„Патот на Баба Јага“од авторката Хана Корнети, а во режија на Хана Миленковска е насловот на новата премиера во Театарот за деца и младинци (ТДМ) која е закажана за в среда, на 24 јуни во 19 часот. Репризата е на 25 јуни, исто така во 19 часот во ТДМ во склоп на „Скопско лето“. Претставата е наменета за деца над девет години и трае 75 минути.

Во претставата играат: Никола Наковски, Анастасија Ласовска, Симона Спировска, Емра Куртишова Стојанова, Петар Стојанов и Изабела Новотни.

Ја имавме привелигијата да ја имаме авторката со нас додека работевме. Особено ми е драго што дојдовме да го работиме овој текст. Текстот е духовит, чист, питок и се надевам дека ќе успееме да создадеме едно силно, кохерентно дело за деца над 9 години, изјави на денешната прес-конфренција режизерката Миленковска.

Авторката Корнети кажа дека и е чест и задоволство што текстот кој го напишала во 2018 година сега се поставува на сцената на ТДМ. Ова е нејзино прво драмско дело кое ќе биде изведено на некоја од сцените на македонските театари. Овој драмскиот текст „ Патот на Баба Јага“ во 2018 година победи на конкурсот за драмски текст , распишан од Здружението на драматурзи и сценаристи на Р. Македонија и од Драмски театар – Скопје.

Многу е добро чувството кога гледаш на сцена како оживува делото. Претставата е важна за доследноста и има некои еколошки позадини во целата приказна. Важно е за денешните деца кои се израснати со екрани и хранење со стимули, доста беше важно да се покаже дека работите што вредат и што остануваат со нас бараат труд и време и страдање. Живееме во време каде што се уништува се што е убаво во човекот и се што е убаво во природата, во светот околу нас и мислам дека оваа претстава се труди меѓудругото да се посвети на гаењето на убавото во нас и гаењето на убавото во светот околу нас, изјави Корнети.

Од ТДМ веруваат дека претставата ќе го привлече вниманието на повеќе генерации, благодарение на сценскиот израз збогатен со автентичниот музички потпис на композиторот Ади Имери, како и впечатливиот визуелен идентитет создаден од костимографот Иван Ивановиќ и сценографот Кирил Василев.

Што да прави принцот Ефтим кога за еден ден сакаат да го крунисаат, а тој воопшто не сака да биде крал – сака да биде поет? Да драми и да ѝ кука на сестра му, Евгенија, се разбира! Чепкајќи низ книгите на Евгенија, Ефтим случајно наоѓа магиски прирачник и не сакајќи, во обид да избега од крунисувањето, се претвара во кукавица. Евгенија го води кај Баба Јага, старата, мудра вештерка во шумата за да го врати во човечка форма. Но Баба Јага е насред „спа декада“, каде мачорот Едгар и ловецот на соништа Мите се одговорни за масажи, маски, оброци…

Баба Јага им поставува задачи кои мора да ги исполнат пред да му помогне на Ефтим – сите во служба на лечење болно цвеќе. Низ исполнувањето на задачите, децата запознаваат нови шаренолики карактери, учат за човештвото и природата, а Ефтим учи да не се плаши од непознатото – бидејќи работите ретко се онака како што изгледаат – и се соочува со својот најдлабок страв, оној кој се крие зад целата приказна: стравот дека ако најблиските дознаат кои сме навистина и длабоко, нема повеќе да не’ сакаат.

Никола Наковски го толкува ликот на принцот Ефтим и тој вели дека текстот на Корнети е многу благодарен и препорачува претставата да ја гледаат и родителите кои ќе ги донесат децата во ТДМ.

Текстот нуди многу пораки и може да се извлечат многу работи, но јас ќе се задржам на прашањата за идентитетот кој што го открива и осознава Ефтим преку претставата и на некој начин расте. Во претставата се измешани три жанра, има апсурд, реализам, мјузикл, кажа на денешната прес-конференција Наковски.

Композитор е Ади Имери кој заедно со Миленковска и Корнети ги напишаа и текстовите за сонговите. Кореографијата е на Бобан Русески, Иван Ивановиќ е костимограф, а сценографијата е на Кирил Василев.

Поврзани вести