
Беше непроценливо искуство. Изненадени сме колку моќен концерт видовме вечерва. Прв пат ја слушнавме македонската традиционална музика. Дојдовме од љубопитство и многу сме изненадени. Беше епски концерт. Беше како историја раскажана преку музиката. Би сакале да имаме повеќе вакви концерти бидејќи приказната зад оваа музика раскажува нешто прекрасно, ни рекоа вечерва двајца млади Австријци кои присуствуваа на концертот на Македонската филхармонија во Златната сала на една од најзначајните светски концертни сцени „Музикферајн“ во Виена – дом на Виенската филхармонија и место каде што секој 1 јануари се одржува најпознатиот Новогодишен концерт во светот.
„Музикферајн“ во Виена е една од најзначајните концертни сали во светот. Лоцирана во срцето на Виена и концертната сала која датира од 1870 година и е дело на данскиот архитект Теофил Хансен чиј дизајн е инспириран од грчката и римската архитектура.
Доаѓаме од Хонг Конг и не го разбираме јазикот, но ја разбравме пораката и она што е зад музиката и песната. Навистина уживавме. Сум гледал концерти во Хонг Конг, но ниту еден не бил ваков. Неверојатно искуство, мошне силен ритам, уживав во мелодијата на музиката, а последната изведба е мојот фаворит, ни рекоа двајца посетители на вечерашниот концерт посочувајќи ја изведбата на „Тешкото“ од Глигор Смокварски како нивен фаворит.
Златната сала вечерва беше исполнета до последното место, а музичарите на Македонската филхармонија беа вратени на бис. Настапот на Македонската филхармонија на сцената на „Музикферајн“ во Виена претставува заокружување на прославата на 80 годишнината од формирањето на оркестарот, а воедно се одбележуваат и 30 години од воспоставување на дипломатски односи меѓу Австрија и Македонија. Како солисти настапија Ана и Игор Дурловски, а диригент беше маестро Јерухам Шаровски од Израел.

Публиката среде Виена имаше можност да проследи пет традиционални македонски песни во оркестарски аранжмани на композиторот Сони Петровски, „Тешкото“ од Глигор Смокварски, „Македонска парафраза бр.2“ од Бете Илин и Симфонијата бр.8 од Антонин Дворжак.
Токму спојот на македонската музичка традиција и фоклор и европската класика ја стана на нозе публиката кој со извици и долги стоечки аплаузи го поздрави настапот на македонските музичари кои пак свиреа со полно срце, искрена жар, а некои во неврзан разговор рекоа и дека солзи им надоаѓале. Насмевките пак на нивните лица по завршувањето на концертот и меѓусебните прегратки и честитки беа сведоштво за остварениот сон.
Вечерва во Златната сала на Музикферајн се оствари сонот на сите наши претходници, на сите што со својата љубов и посветеност ја градеа Македонската филхармонија низ децениите. Овој момент е повеќе од концерт — тоа е сведоштво дека визиите, водени со страст и истрајност, стануваат реалност.
После концертите во Дубровник, Софија и Солун од претходната концертна сезона 2024/25, вечерашниот настап претставува круна на едно патување долго осум децении — патување исполнето со предизвици, верба и бескрајна љубов кон музиката. Оваа вечер ја чувствувавме магијата на нашата заедничка енергија на сцената како највозвишен израз на човековата креативност.
Од срце сакам да изразам благодарност до Министерот и Министерството за култура и туризам за поддршката, до сегашното раководство за тоа што ги реализираа завршните активности на овој проект кој беше моја идеја и визија. Благодарност до сите мои колеги од Македонската филхармонија — за нивниот личен ангажман, несебична посветеност и искрена љубов кон уметноста.
Заедно испишавме историја — исполнета со гордост, посветеност и заедништво.
Но ова не е крај, туку нов почеток — патоказ за идните генерации музичари, кои ќе го продолжат овој светол пат кон уште поголеми височини.
Честитки, драги колеги! Денес ја славиме музиката, трудот и сонот што стана реалност, напиша на социјалните мрежи Александар Котевски, член на оркестарот на Македонската филхармонија..
Настапот во Златната сала е сон на секој музичар. Има капацитет од 2000 седишта и е позната по својата неверојатна убавина и исклучителна акустика. „Музикферајн“ не е само симбол на Виена и нејзиното богато музичко наследство, туку и центар на светската класична музичка култура. На сцената на „Музикферајн“ низ историјата настапиле најзначајните светски солисти и диригенти како: Херберт фон Карајан, Леонард Бернштајн, Клаудио Абадо, Артур Рубинштајн, Владимир Хоровиц, Даниел Баренбојм, Сајмон Ратл, Рикардо Мути, Густаво Дудамел, Ана Софи Мутер, Ланг Ланг, Јо-Јо Ма…, но, и композитори како Јоханес Брамс, Антон Брукнер, Густав Малер и Рихард Штраус кои токму на оваа сцена ги воделе првите изведби на многу од своите музички ремек-дела.

Македонски








