
„Меморијали од Првата светска војна во фондовите и збирките на Архивот на Југославија“ е насловена изложбата која денеска беше отворена во Музејот на Република Македонија. Конципирана е од Архивот на Југославија и Републичкиот завод за заштита на спомениците на културата од Република Србија, а ја организираше Државниот архив на Република Македонија.
Ненад Лајбеншпергер, историчар од Републичкиот завод за заштита на спомениците на културата од Република Србија и автор на предговорот на каталогот, се осврна на концептот на изложбата чија цел е, рече, на уште еден начин да го сврти вниманието за сеќавање на војниците што загинале во Првата светска војна. Нагласи дека изложбата прикажува обемен материјал кој донесува значајни податоци, а кој во еден период, рече, бил занемарен и не бил во фокусот на истражувањата.
Не се работи само за загинатите војници на Кралството Југославија, туку е приказна и за она што Кралството на Србите, Хрватите и Словенците односно Кралството на Југославија во периодот меѓу двете светски војни, но и подоцна, го сметала за југословенски борци. Затоа што по војната ги зема во наследство и другите војници од теротириите што станале дел од таа држава. Значи, во наследство ги има сеќавањата на војниците на Австро-Унгарија кои, да не загинеле, би биле жители на таа држава, чии семејства и натаму живеат во Босна, Хрватска, Славонија, Словенија, Војводина, денешна Македонија итн.. Но, благодарение на воените договори, се грижи и за војничките гробови на други војски, пред се сојузничките, но и на непријателските кои се наоѓаат на нејзина територија. И токму за таа грижа на државата за меморијалите зборуваат цела низа документи, разни преписки за одржувањето на тие гробишта, попишување на имињата на војниците од тие гробишта, за финансирање на тие спомен-костурници итн. Сето тоа ние се обидовме да го претставиме овде, истакна Лајбеншпергер.
На изложбата може да се видат, рече, и податци за гробови и споменици подигнати за многу српски војници загинати на Солунскиот фронт, „чиј дел од 1916, од освојувањето на Кајмакчалан и Битола, се наоѓа на просторот на денешна Македонија“.
Директорот на Архивот на Југославија Милан Терзиќ на отворањето рече дека во Првата светска војна (1914-1918) Србија загубила една третина од своето население и, како што рече, „српските коски биле растурени на просторот на Медитеранот, од Алжир и Тунис се до Чехословачка и Грција“. Посочи дека се уште има нови податоци за жртвите во таа војна, чиј точен број, рече, не е познат исто како и по Втората светска војна.
Првата светска војна донела околу 20 милиони жртви, не поминале 20 години – во 1939 почнала Втората светска војна со 50 милиони жртви. Се покажа дека изгледа не знаеме да учиме од историјата затоа што и сега гледаме дека се случуваат конфликти во светот. Оваа приказна за меморијалите е потсетување на едно време – да се сетиме на луѓето кои ги дале своите животи и да ја негуваме таа култура на сеќавање со најдобра намера – дека мора да соработуваме и разговараме и сите работи треба да ги решаваме на мирен, диполиматски и цивилизиран начин, истакна Терзиќ.
Отворањето на изложбата го поздрави директорката на нашиот Архив, Наташа Котлар-Трајкова, која истакна дека соработката со Архивот на Југославија трае многу одамна, а идејата за оваа изложба, рече, ја договориле оваа пролет.
Во рамки на настанот беа промовирани изданија од д-р Живко Аврамовски (1926-2020), објавени од Архивот на Југославија. Аврамовски, роден во село Непроштено во општина Теарце, бил историчар од Институтот за современа историја од Белград,.
За неговите дела зборуваше Драган Теодосиќ, виш архивист и раководител на Одделение за објавување архивски материјали во Архивот на Југославија, посочувајќи дека обемниот научен опус на Аврамовски опфаќа повеќе монографии, студии, зборници на документи и преку сто научни трудови.
Тој беше еден значаен историчар од генерацијата што создавала во периодот од 1960-тите до 1990-тите години и беше меѓу најпродуктивните, рече Теодосиќ псоочувајќи дека во неговата 30-ина години кариера Аврамовски оставил и обемен архивски материјал како резултат на неговите истражувања во странство.