Skip to main content

Охрид СОС: Засега не е презентиран одобрениот објект, нити се знае дали е во склад со Планот за управување и дали воопшто институциите ги надгледуваат градежните работи, со цел да се избегнат вакви последици

При вршење градежни работи на соседниот објект, во градското јадро на Струга, механизацијата ја сруши спомен-куќата во која на 23 септември 1941 година во присуство на народниот херој Кузман Јосифовски – Питу, се одржа конститутивен состанок на Месниот комитет на КПЈ за Струга и Струшко. Во таа куќа живело семејството на истакнатиот македонски писател, општествено-политички работник, издавач и револуционер, автор на текстот на македонската химна „Денес над Македонија“ – Владо Малески, објавија Охрид СОС на социјалните мрежи.

По извршениот увид од страна на Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј-Охрид се констатирани големи оштетувања на ова, со закон заштитено културно наследство. Според споделените информации, предметниот објект претставува споменик на културата – значајно културно наследство прогласено со Решение Уп. бр. 18-376/2016 донесено од Управа за заштита на културното наследство при Министерство за култура и истото се наоѓа во првата зона на Струга со посебен режим на заштита согласно „Планот за управување со Светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион со Акциски план 2020-2029”.

За изградба на соседниот објект на КП 1336, ГП 02.73, КО Струга од страна на сопственикот Зуди Каба од с. Велешта до Управата за заштита на културното наследство е побарано Мислење за заштитно конзерваторски услови и од истата е издадено Решение за ЗКУ со УП бр. 08-738/2022 од 17.07.2023 год. за рушење на постојниот и изградба на нов објект. Врз основа на издадените ЗКУ од страна на стручната комисија при НУ Завод и Музеј Охрид е издадено Мислење за Усогласеност на Идејниот проект бр. 13-372/2 од 23.05.2024 година согласно „Планот за управување со Светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион со Акциски план 2020-2029“.

Засега во јавноста не е презентиран одобрениот објект, нити се знае дали и колку навистина е во склад со посочениот План за управување. Дополнително, не се знае дали воопшто овие институции ги надгледуваат градежните работи, со цел да се избегнат вакви последици. Познато ни е, од охридските примери, како досега се имаат одобрувано проекти кои воопшто не биле соодветни, а исто така сведоци сме на дозволи за реконструкција или реставрација на одредени стари објекти кои завршувале како нови објекти, без одобрение, но институциите од погоре избраа да молчат. Оваа уличка е една од последните каде што сè уште има дел од автентичната градска архитектура, која забрзано исчезнува низ Струга.

За крај, споделуваме дел од написот на Денко Малески, објавен како реакција на овој инцидент – „Денес ја гледам сликата од разрушената куќичка и бистата на Кузман Јосифовски-Питу, над која надвиснале урнатини. Куќичката е споменик, на НОБ и на Кузман Јосифовски-Питу, колку што е и на стружанецот Владо Малески, избран за секетар на партискиот комитет за Струга, токму на тој состанок. Дури и во време кога парите се најважни, некои поинакви луѓе би ја вклопиле некако куќичката-музеј во новиот амбиент, ама не и ние. Како да ни е гајле за сè што се случувало пред нас. Ама и таквиот однос има цена. Затоа, еве ги зборовите на предупредување кои ми ги има кажано татко ми Владо Малески, зборови врз кои толку пати сум се замислил. Рече: ‘Без нашето дело, тонете длабоко, да знаеш’.“

Поврзани вести