Skip to main content

НУБ „Св. Климент Охридски“ доби мултимедијалната читалница: Да го чуваме овој дом на книгата како што се чува светилник, постојано разгорен, да им ја осветлува патеката на идните генерации

Отворањето на новата мултимедијалната читалница во новиот дел на Националната универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ и промоцијата на изданијата на фототипната едиција „НУБ за македонскиот јазик“ е потсетник дека иднината може да се гради само врз здрави темели. Овие изданија се живи сведоци на развојот на нашиот јазик, почит кон неговите корени и обврска да го чуваме неговото достоинство, изјави денеска министерот за култура и туризам Зоран Љутков на отворањето на новата  мултимедијалната читалница во Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски” – Скопје. 

Според Љутков, отворањето на новата мултимедијалната читалница не е само технолошки напредок. –

Таа е чекор кон една современа библиотека која се отвора кон новите генерации читатели, истражувачи, творци. Простор што им нуди на младите алатки за истражување, а на возрасните спокојно место за дружба со книгата, изјави Љутков.

Овие дела, како што рече, не повикуваат да се вратиме кон суштината – јазикот е дом на нашата колективна меморија. 

Денес славиме визија, визија за култура што не мирува, за знаење што се надградува, за иднина што ја обликуваме со свесна посветеност. Визија во која библиотеката е жив организам, место каде доаѓаме да се потсетиме кои сме, но и да сонуваме за она што можеме да бидеме. Централната порака што сакам да ја пренесам тука е – Образованието и културата се нашата најсилна инвестиција. Секоја отворена врата на библиотеката, секој зачуван документ, секоја нова читалница, секој поддржан проект за јазикот е наш чекор кон посигурно, посветено и попрогресивно општество.  Затоа да го чуваме овој дом на книгата како што се чува светилник, постојано разгорен, да им ја осветлува патеката на идните генерации, потенцира Љутков.

Директорот на НУБ „Св. Климент Охридски“ – Скопје Јовица Никчевски ја отвори новата мултимедијална читалница и истакна дека тоа е простор од 400 метри квадратни, на два ката и има над 70 кориснички места. Располага со најсовремена опрема и инвентар, како и со онлајн пристап до бази на податоци со електронски книги и научни и стручни списанија. Дел од компјутерите се опремени со софтвер за слепи и за слабовидни лица и читалницата има пристап за лицата со попречености. 

Просторот е создаден со цел да им овозможи на сите љубопитни умови современо, инспиративно и интерактивно место за учење, истражување и креативност, нагласи Никчевски. 

Присутните можеа да ги видат оригиналните примероци од „Речник од три јазика“ од Ѓорѓија Пулевски од 1875 година, „За македонкцките работи“ од Крсте Петков Мисирков од 1903 година, примерокот од „Abecedar“ испратен за одобрување во Друштвото на народите во 1925 година, првиот „Буквар со читанка“ на кодифициран и стандардизиран македонски јазик издаден во 1945 година и првата „Македонска граматика“ од Круме Кепески од 1946 година, како и фототипните изданија со предговори од д-р Весна Мојсова-Чепишевска, д-р Симона Груевска-Маџоска, д-р Елка Јачева-Улчар, д-р Станислава Тофоска и д-р Јованка Кепеска. 

Поврзани вести